3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМукаетов: Алкалоид АД секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на...

Мукаетов: Алкалоид АД секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд

Генералниот директор на Алкалоид АД Скопје во интервју за “The Economist”, истакна колку човечките ресурси се клучни за успехот во компаниите.

Тој вели дека Алкалоид АД, како компанија, секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд, без оглед на тоа за која позиција станува збор.

-Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во тој процес, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадри од стручните сфери. Како и во секоја успешна и амбициозна компанија, огромен предизвик е да се одржи високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности особено во услови на функционирање исполнети со бројни непредвидливи аспекти, вели Мукаетов во интервјуто.

-Алкалоид на годишно ниво алоцира значајни ресурси во разни бенефиции наменети за вработените во форма на финансиски надоместоци, интерни и екстерни обуки, доедукација, дополнително здравствено осигурување, грижа за најмладите во семејствата и слично. Можностите за развој на професионалната кариера во компанијата се големи, а како потенцијал, се трудиме да важат подеднакво за секој вработен, додава тој.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“, именувана по вашиот татко, стипендира многу студенти од областа на медицина и фармација, каква е вашата соработка со стипендистите, колку од нив ја искористиле можноста да работат во Алкалоид?

-Во служба на квалитетна едукација и продуцирање на идните компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата, во 2007 година Алкалоид ја основа Фондација „Трајче Мукаетов“, која до денес, има стипендирано 659 студенти по фармација и медицина  на државниот универзитет, а по основ на стипендии и еднократни парични награди за првенците на генерации, досега имаме инвестирано околу 130 милиони денари. До денес, 101 од стипендираните студенти својата кариера ја започнале во Алкалоид, вели Генералниот директор на Алкалоид во интервју за “The Economist”.

Aлкалоид наскоро ќе одбележи 90 години од своето постоење. Како успевате да го задржите и одржите врвот во фармацијата на национално и регионално ниво?

-Чинам дека Алкалоид е дел од мојата ДНК. Мојот татко, учител и ментор, но и еден од основоположниците на модерниот Алкалоид, Трајче Мукаетов, во компанијата помина 34 години од својот работен век, во навистина турбулентни времиња. Јас сум дел од Алкалоид близу 25 години, а речиси 18 сум на позицијата генерален директор. Во својата деветдецениска историја, Алкалоид надминал многубројни кризи, но секој пат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци, години наназад.

Запрашан за тоа како компанијата бележи постојан раст во последните 18 години и на што се должи тоа, тој вели:

-Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

Важите за водечки инвеститор во регионот на Западен Балкан. Бевте прогласен за лидер на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан. Што за вас претставува ова признание?

-За инвестициските потфати од 2018 до 2022 година, чиј износ достигна сума од 104,1 милиони евра, Алкалоид АД Скопје доби признание за „најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум WB6. Оваа, 2023 година, ќе ни биде рекордна инвестициска година, со вложени околу 30 милиони евра. Континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето ќе остане и натаму високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“.

Целото интервју можете да го прочитате на тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП