Хамас и неговата сојузничка милитантна група Исламски џихад го отфрлија египетскиот предлог за предавање на власта во Појасот Газа во замена за траен прекин на огнот, потврдија денеска за Ројтерс два неименувани египетски безбедносни извори.
Двете групи, со кои египетските посредници одржаа одделни разговори во Каиро, одбија какви било отстапки освен можното ослободување на повеќе заложници заробени на 7 октомври за време на упадот на Хамас во јужен Израел.
Египет понуди предлог за прекин на огнот во замена за ослободување на неколку заложници и прифаќање на поширок договор кој вклучува траен прекин на огнот со промена на раководството во Појасот Газа, кое моментално го сочинуваат претставници на Хамас.
Египет предложи да се распишат избори во Појасот Газа, а на Хамас му беа понудени гаранции дека членовите на таа организација нема да бидат кривично гонети или процесуирани, но оваа исламистичка организација ги отфрли сите отстапки освен евентуалното ослободување на заложниците, потврдија изворите на британската агенција.
Повеќе од 100 заложници се уште се во рацете на Хамас во Појасот Газа.