30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните сакаат културни настани, државата се помалку сака да ги финансира!

Граѓаните сакаат културни настани, државата се помалку сака да ги финансира!

Македонските граѓани сакаат да посетуваат настани од областа на културата. Повеќе театар од колку класична или изворна музика. Потврда за тоа даваат податоците на Државниот завод за статистика кои покажуваат дека има раст во бројот на посетители во професионалните театри, но намален е бројот на посетители во Филхармонијата и на настапите на ансаблите на народните игри и танци. И покрај ваквите тенденции македонските власти во континуитет ги намалуваат државните пари за финансирање на проекти од областа на културата

Во делот на професионални театри за периодот 2022 / 2023 година биле изведени вкупно 160 дела. Од нив 135 биле драми, 14 опери и 10 балетски претстви. Во однос на претставите, се одржале вкупно 820 претстави, а нив ги следеле речиси 160 илјади посетители. Најголема посетеност имале драмите близи 140 илјади посетители, а 10 илјади граѓани биле на оперските претстави. Нешто над 11 илјади лица следеле балетски претстави. Во професионалните театри за деца и младинци во истиот период биле одржани 29 дела, а 19 се драми и 10 се под називот на статистичарите – друго, а тоа значи не се ниту опера ниту балет. Имало одржано 189 претстави од кои 116 биле драми а 76 други жанрови. На претставите на театрите за деца и младинци имало околу 25 илјади посетители. Во однос на аматерските театри во анализираниот период биле изведени девет дела, шест од нив биле драми а останатите три биле други жанрови. Изведени биле 53 претстави на кои присуствувале речиси осум илјади посетители.

Податоците пак за Националната Филхармонија покажуваат дека во периодот 2022/2023 година имало речиси 22 илјади посетители. Интересно е тоа што настапите на Македонската Филхармонија во анализираниот период се попосетени во странство, односно нивните настапи ги следеле над 27 илјади лица. Во споредба со периодот 2021/2022 година има намалување на домашните посетители и тоа за речиси пет илјади лица што е сериозен број на намалување на публиката. Во 2018/2019 година е достигнат рекордот на посетеност на настапите на филхармонија кога бројот изнесувал дури 76 илјади посетители. И следната година потоа имало добар број на посетители кога имало над 43 илјади посетители.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2022/2023 година, вкупниот број на прикажаните претстави во професионалните театри е намален за 1 %, додека бројот на посетителите е зголемен за 27 % во однос на периодот 2021/2022 година. Просечниот број на посетителите на една претстава изнесува 195. Во периодот 2022/2023 година, бројот на прикажаните претстави во професионалните театри за деца и млади е зголемен за 38 %, исто така и бројот на посетителите е зголемен за 105.3 % во однос на периодот 2021/2022 година. Бројот на прикажаните претстави во аматерските театри е намален за 18.7 %, исто така и вкупниот број на посетителите е намален за 35.3 % во однос на периодот 2021/2022 година. Во периодот 2022/2023 година, бројот на посетителите на Филхармонијата е намален во однос на периодот 2021/2022 година. Кај професионалниот ансамбл за народни игри и песни, во периодот 2022/2023 година, во споредба со 2021/2022 година, е забележано намалување на бројот на самостојните приредби (концерти) и на бројот на посетителите“, стои во извештајот на ДЗС.

Според официјалните податоци, годинешниот буџет наменет за национални проекти од областа на културата е намален за пет милиони евра во однос на 2022 година. Оваа информација предизвика жестоки реакции кај културните работници, но тоа не ги предомисли властите да ја сменат таа пракса. И за догодина се предвидени помалку пари за култура во однос на финансиите кои беа на располагање за годинава.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП