Со презентација за учениците од основното и од средното училиште во Македонска Каменица, на возраст од 14 до 18 години, започна реализацијата на едукативната компонента од локалниот проект за подигнување на јавната свест и зголемување на безбедноста во сообраќајот, што е резултат на соработката меѓу Рудник САСА, Општина Македонска Каменица и Министерството за внатрешни работи.

Целта на ваквите едукативни презентации кои ги спроведуваат вработени во Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи – Штип, е запознавање на младите жители од локалната заедница со сообраќајните правила и прописи, начинот на однесување и мерките што треба да ги преземат заради зголемување на својата и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Покрај за учениците, во рамки на овој проект ќе се одржат и едукативни работилници за вработените во Рудник САСА. Сите учесници во овие едукативни работилници ќе добијат и брошура која ги содржи основните правила, совети и препораки за безбедно однесување во сообраќајот.




