5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРанливите категории ги чека долга прошетка по ходници за обезбедување на сите...

Ранливите категории ги чека долга прошетка по ходници за обезбедување на сите документи за финансиска помош од државата!

Законот за финансиска поддршка на ранливите категории на граѓани е донесен во Собранието. Овој месец треба на граѓаните со ниски примања да им се исплати државна помош за справување со енергетската криза. Предвидено е паричната помош да се исплаќа шест месеци. Но на социјалните мрежи пристигнаа првите негативни реакции. Огромна процедура и голема бирократија е потребна за да се обезбедат документите за граѓаните да ги добијат предвидените средства. Активистите обвинуваат за нестручност поради фактот што сите тие потребни податоци државните институции ги имаат во своите системи.

Во училиштата веќе пристигна информацијата од властите која се споделува со учениците и родителите за полесно аплицирање за финансиска поддршка на домаќинства кои имаат примања до 50 илјади денари месечно. Родителите треба да обезбедат копија од трансакциска сметка од еден родител или старател на детето и кој ќе биде подносител на барањето. Потврда од работодавачат од исплатената последна нето плата на двајцата родители или старатели. Доколку станува збор за дете на починат родител, треба да се обезбеди доказ односно извод од книгата на умрените и чек од пензија. Доколку е дете од разведени родители потребно е да се достави доказ-решение од правосилна судска пресуда. Доколку е дете на пензионер треба да се достави последен чек од пензија. Во случај родителот да е невработен, треба да се достави доказ или потврда од Агенција за вработување, дека лицето е невработено и не прима паричен надоместок, или ако прима тогаш треба да се наведе и сумата која ја добива родителот. Во предвид ќе се земат сите поднесоци со комплет документи пријава и изјава.

„Учениците кои ги исполнуваат условите во предвидениот рок поднесуваат пријава со комплет бараната документација до основното училиште каде е запишан ученикот за финансиска поддршка од 1200 денари во период од шест месеци. Родителите поднесуваат лично и со себе треба да носат лична карта и трансакциска сметка на увид и покрај копиите кои треба да се достават, и копија од извод на матична книга за детето“, се наведува во дописот.

Големи потешкотии и хаос по административните лавиринти ги чекаат граѓаните кои ќе треба да ги обезбедат документите за да добијат парична помош од државата во следниве шест месеци. Кристина Ампева од Гласен Текстилец револтирана на властите поради ваквите правила, вели токму на оние лица на кои најмногу ќе им бидат потребни предвидените 1600 денари месечно, нема да стасаат да аплицираат поради огромната бирократија.

„Измислиле куп документи, за кои ти треба не знам колку време и врски да ги извадиш. Тотален хаос ќе стане низ школи и институции за 1600 денари, за 6 месеци. Четири, пет дена да ги соберете документите. Нејаснотии куп. А имаат платени институции, кај што се сите наши податоци и една што се вика УЈП и ги има сите наши примања. И по чии податоци можат ако сакаат да им помогнат на родителите.  Тоа се наши пари, да не биде дека се многу фини. Буџет ние полниме, не партиите и функционерите. Откако вчера објавив, еден куп луѓе со различни проблеми и нејаснотии ми пишуваат. Бирократија еден куп. Специфични проблеми ама тоа бирократите не го разбираат. Наместо да дадат институциите, на чело со ујп, податоци за сите и си ги проверат на крај, сега имаме тотален хаос за 1600 денари. И пак тие кои имаат најмногу потреба, нема да ги земат парите. Неспособни , толку ќе кажам“, вели активистката Кристина Ампева од Гласен Текстилец

Законот е донесен во собранието. Според текстот, финансиска поддршка од државата ќе добијат лица од социјално ранливи категории. Корисници на посебен додаток, корисници на право на надоместок заради попреченост, самохрани родители, корисници на право на пензија до 19 илјади денари. Потоа, ученици од основно и средно образование чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50 илјади денари. Студенти кои живеат надвор од местото на студирање.

Финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година. Финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува:

3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;

2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и

1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.

Исплатата на финансиската поддршка за: корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари е предвидено да се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, за остварено право во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка“, се наведува во предлог Законот за финансиска поддшка на ранливите категории.

Целта на оваа мерка според Владата е да се помогне на домаќинствата кои имаат финансиски проблеми и тешко се справуваат со енергетската криза. Опозицијата во мерките виде популизам и предизборен поткуп.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП