5 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЅвонат по министри и директори, ургираат за место во градинка

Ѕвонат по министри и директори, ургираат за место во градинка

Многу родители од Скопје се соочуваат со проблемот на недостиг на места за нивните деца во детските градинки. Тие велат дека чекаат цела година да се ослободи место за нивното дете, додека други деца, кои подоцна аплицирале, влегуваат без проблем, веројатно поради силни врски во политиката.

Една од нив е и Благица, мајка на 3-годишно девојче, која вели дека се обидувала да го запише своето дете во неколку градинки во Општина Карпош, но секогаш добивала ист одговор: нема слободни места.

„Јас сум на списокот на чекање од јануари минатата година, а сè уште не добивам никаква информација кога ќе може да се упише моето дете. Ме нервира тоа што пред моите очи влегуваат деца кои се пријавиле подоцна од мене, а јас сè уште чекам. Сигурна сум дека тие имаат некоја конекција со политичарите или со директорите на градинките”, вели Благица.

Таа додава дека нејзиното дете има потреба од претшколско образование и социјализација со други деца, а не може да му го овозможи тоа во домашни услови. 

Таа исто така вели дека не може да си дозволи да плаќа приватна градинка, која е многу поскапа од јавната.

„Јас работам за минимална плата и не можам да си одвојам 10.000 денари за приватна градинка. Мислам дека сите деца имаат право на претшколско образование и дека државата треба да обезбеди доволно места за сите. Не е фер да се прави разлика меѓу децата според тоа кој ги знае нивните родители”, вели Благица.

Според податците на Министерството за труд и социјална политика, во Скопје има над 90 детски градинки. Меѓутоа, бројот на деца кои имаат потреба од градинка е многу поголем од вкупниот капацитет што го овозможуваат овие објекти, па затоа се создаваат долги листи на чекање.

Министерството вели дека е свесно за овој проблем и дека работи на неговото решавање. Една од мерките е изградбата на нови детски градинки.

„Во континуитет работиме на зголемување на опфатот на деца од предучилишна возраст преку отворање на нови капацитети за згрижување и воспитување на деца со цел да се зголеми бројот на опфатот на деца во згрижувачко-воспитниот процес“, коментираат од Министерството за труд и социјална политика.

Во мај минатата година, на пример, на територија на Општина Аеродром биле запишани 918 деца во листата на чекање за упис во детска градина. Во Општина Центар оваа бројка изнесувала 200 деца, во Ѓорче Петров – 500, во Кисела Вода – 200, во Карпош 306 деца, а во Гази Баба 460 деца чекале за упис во градинка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП