30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмандманите на опозицијата добија црвен картон од власта!

Амандманите на опозицијата добија црвен картон од власта!

Парламенатарното мнозинство не гледа јавен интерес во предложените амандмани за буџетот за 2024 година. Од речиси 200 поминати амандмани во Комисијата за финансирање и буџет, прифатени се само два предлози на опозицијата. Власта вели има доволно проекти во Предлог буџетот кои ќе бидат во корист на граѓаните. Утре завршува амандманската расправа за буџетот за идната година во матичната комисија, а преостанати се околу 80 амандмани.

Според информациите до кои дојде Денар, Предлог буџетот за 2024 година на пленарна седница ќе биде ставен по 20ти декември. Од собраниската говорница во текот на овие денови преовладуваше реторика на меѓусебно обвинување помеѓу пратениците на власта и опозицијата, за тоа кој подомаќински ги троши народните пари.

Амандманската расправа во собранието за Предлог буџетот за 2024 година започна со предложени 275 амандмани од страна на опозициските партии. Од ВМРО ДПМНЕ поднесени беа 250 амандмани, останатите предлози за измена на буџетот се на партиите од опозицските партии од албанскиот блок.

Денеска и утре треба да се разгледаат уште околу 80 амандмани со што ќе заврши овој дел од носењето на еден од најважните државни документи во текот на годината.

Според власта, не станува збор за селективно одбивање на амандманите, само бидејќи се поднесени од страна на опозицијата туку, сметаат дека нема потреба да се пренасочуваат пари за проекти кои според нив не се потребни во моментов на граѓаните. Владините претставници се на став дека во Предлог буџетот за догодина има доволно проекти кои ќе им го направат животот на граѓаните подобар.

„Буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на јавните потреби на граѓаните и фирмите. Вкупните приходи се планирани на ниво од 310,1 милијарда денари односно за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари, односно тој е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4% од планираниот БДП. Покрај понискиот буџетски дефицит, преку буџетската потрошувачка се предвидува нормално функционирање на институциите, обезбедување развојна компонента, како и алоцирање неопходни средства за резерви за кризни состојби на ниво од околу 0,4% од БДП“, велат од Министерството за финансии.

Од опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пак велат дека власта намерно не ги прифаќа амандманите, бидејќи како што велат, на тој начин само ќе докажат дека погрешиле и заборавиле да буџетираат проекти кои вистински се потребни за граѓаните. Во Предлог буџетот за догодина се кратат средства за образование, предвидени се помалку пари за здравство, намален е и фондот за спорт, за култура, а повеќе пари има за непродуктивни трошоци, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според информациите, опозициската партија е сигурна дека на пролет ќе ја превземе власта и уште во јуни ќе направи ребаланс на буџетот и голем дел од средствата ќе пренамени за посуштински проекти.

„Ова е последниот буџет што ќе имаат можност да го претстават криминалното дуо ДУИ – СДС. Вклучително со Буџетот за 2024-та година, СДС и ДУИ во периодот од 1 јуни 2017 година потрошија т.е. планираат да потрошат над 30 милијарди евра. Со тие пари можеше да се изгради нов Клинички центар, да се завршат услови за настава и учење, да има нови и реконструирани студентски домови, можеше постојната железничка инфраструктура да биде реконструирана, а пругата кон Бугарија да е во завршна фаза. Можеше да се направи многу, но избраа да испумпуваат пари преку РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, да си изнајмуваат простор од себе преку Државна лотарија, да ја крадат скапата биолошка терапија од Клиниката за онкологија. Можеше многу работи да се направат, но избраа да крадат и да остават пустош зад себе. Можеше да се гасифицираат домаќинствата, да се заврши автопатот Кичево – Охрид, Скопје – Блаце, но и да се започне изградбана нови автопатски делници.“ велат од ВМРО ДПМНЕ.

И натаму власта убедува дека буџетот е развоен и трета година по ред капиталните инвестиции ќе достигнат рекорд во однос на реализацијата. Но со тоа не се согласува опозицијата која смета дека без да се направат ребаланси на буџетот, и да се кратат парите предвидени за капитални расходи, ниту половина од проектираното на почетокот од годината немаше да биде завршено и реализирано. Дополнително е проблематично тоа што владината поддршка на енергетските компании се става во ставка капитални инвестиции. Рокот за носење на Предлог буџетот за 2024 година е до крајот на оваа година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП