Иако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е независно тело, кое одлучува за цената на струјата, министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека барањата за поскапување на струјата за 27 % од 1 јануари нема да бидат прифатени. МЕПСО, „Електродистрибуција“ и МЕМО доставија пресметки со барање за поскапување на струјата, а Регулаторната комисија најави одлука за следната недела.
„Енергетските компании може да бараат и 400 и 500 % поскапување во делот на трошоците што тие ги пријавуваат и во согласност со нивните планови за инвестирање. Тоа ќе биде одлука на РКЕ колку од тие трошоци ќе ги прифати. 27 % не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и ЕВН. Тие, најверојатно, нема да бидат прифатени“, рече министерот Бектеши по одбележувањето 10 години од постоењето на Фондот за иновации.

