2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТЕУ: Опасни хемикалии во секој петти проверен производ

ЕУ: Опасни хемикалии во секој петти проверен производ

Европската агенција за хемикалии (ECHA) во средата објави дека во 400 од 2.400 производи кои биле контролирани во 26-те земји-членки на Европската унија минатата година, биле откриени токсични материи, пренесува EuObserver. Утврдено е дека една од четири играчки, како што се кукли, костими, душеци за играње и пластични фигури, ги прекршуваат законите на ЕУ за опасни хемикалии.

Националните агенции на ЕУ открија „прекумерно ниво на опасни хемикалии“ како што се олово и пластификатори во 18 отсто од тестираните производи за широка потрошувачка. Најчесто контролирани производи кои содржат токсични хемикалии се електричните апарати, спортската опрема, играчките и модните производи.

Извештајот нагласува како увозниците и онлајн пазарите, вклучително и Амазон, имаат повисока стапка на неусогласеност со правилата на ЕУ отколку производителите и дистрибутерите.

Во 39 проценти од случаите, компаниите решиле доброволно да ги повлечат своите производи од пазарот, а исто така и од нивните веб-страници. Сепак, инспекторите од различни агенции на ЕУ донеле извршни мерки во четвртина од случаите, иницирајќи повеќе формални и законски обврзувачки дејствија за непочитување, додека 58 од најтешките случаи биле предадени на полицијата или на јавното обвинителство.

Истрагата покажа дека компаниите не го почитувале водечкото законодавство на ЕУ за хемикалии REACH во 13 отсто од случаите. Но, половина од прекршувањата се однесуваат на правилата за употреба на одредени опасни хемикалии во електрична и електронска опрема.

Стратегијата на ЕУ за хемикалии за 2020 година се обврзува да ја забрани несуштинската употреба на најштетните хемикалии во производите за широка потрошувачка. Европската комисија минатата недела предложи да се изменат три закони за да се забрзаат ограничувањата за најопасните хемикалии. Предлогот, исто така, има за цел да ја зголеми соработката меѓу различните агенции на ЕУ и да го подобри собирањето податоци за хемикалиите што се наоѓаат во телата на луѓето за подобра проценка на нивоата на изложеност.

„Новите мерки ќе го намалат јазот помеѓу идентификацијата на можен ризик и неопходното регулаторно дејство“, велат од Комисијата.

Во исто време, активистите тврдат дека таквите законски измени можат да помогнат да се спречат ситуации како оние поврзани со контаминација со PFAS, голема и сложена група хемикалии што се користат во производството на производи за широка потрошувачка.

„На овој начин, можеме рано да ги откриеме проблемите и да се заштитиме себеси и нашата планета… Од клучно значење е да ги држиме штетните хемикалии подалеку од работите што ги користиме секој ден, а овие предлози се голем чекор во вистинската насока“, оцени директорката за политика за хемикалии во Европската агенција за животна средина Татјана Сантос и додаде дека се потребни дополнителни напори за да се одговори на тековните предизвици поврзани со хемиското загадување.

Сантос оцени дека Комисијата на ЕУ мора да изврши ревизии на политиката за производи, постепено да ги укине несуштинските употреби на хемикалиите и ефикасно да ги спроведе постојните регулативи како што е REACH.

Во ноември, истрагата на ECHA, исто така, наводно открила токсични хемикалии во производите за нега на бебиња, како што се пелени, детски седишта за автомобил, пелени за превивање на бебиња. Кога станува збор за пелени, истрагата покажа дека овие производи може да содржат токсични хемикалии и метали како кадмиум, кобалт и олово.

Исто така, се додава дека во 2020 година Франција предложила ограничување на опасните материи во пелените за еднократна употреба, но Европската комисија ја затворила постапката откако француските власти не презентирале доволно научни докази.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП