6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАТермин за детски ортопед нема ни за лек – родителите си ги...

Термин за детски ортопед нема ни за лек – родителите си ги бараат правата

Многу родители се соочуваат со проблемот на недостаток на термини за ортопедски прегледи за нивните деца. Ова може да има сериозни последици за здравјето и развојот на децата, особено ако имаат потреба од специјални третмани или апарати.

Денар разговараше со матичен педијатар во Скопје, кој вели дека на системот „Мој термин“ многу ретко се начекува слободен термин за детски ортопед и дека закажувањето најчесто се случува 3-4 месеци однапред.

„Ова е многу неприфатливо, бидејќи децата не можат да чекаат толку долго за да добијат адекватна дијагноза и третман. Некои од нив имаат ургентни случаи, како што се сколиоза, рахит, дисплазија на колковите итн. Ако не се преземат мерки на време, овие состојби можат да предизвикаат трајни оштетувања или компликации“, вели педијатарот.

Еден од родителите кои се соочиле со овој проблем е и Ивана Митровска, мајка на 4-месечно бебе.

Таа вели дека поради немањето слободен термин за ортопедски преглед, принудени се да плаќаат приватен преглед кој чини 2.500 денари. Во годината потребни се најмалку 4 такви прегледи, па од домашниот буџет непотребно се трошат 10.000 денари.

„Ова е многу тешко за нас, бидејќи немаме големи приходи и секој денар ни значи. Нашето бебе има проблем со едниот колк и треба да носи апарат за да се исправи. Но, за да го добиеме апаратот, треба да имаме препорака од државен ортопед, кој не можеме да го закажеме. Затоа сме приморани да одиме кај приватен ортопед, кој ни бара да платиме и за прегледот и за апаратот. Ова е неверојатно, бидејќи секој месец плаќаме за здравствено осигурување и имаме право на бесплатни услуги“, вели Митровска.

Родителите бараат од надлежните да го решат овој проблем што побрзо и да обезбедат доволно термини за ортопедски прегледи за децата. Тие исто така бараат од приватните ортопеди да ги намалат цените на прегледите и апаратите, или да ги прифатат препораките од матичните педијатри.

Од Министерството за здравство велат дека во тек се контроли во јавните здравствени установи, согласно Законот за здравствена заштита, со цел да бидат навреме обезбедени потребните термини.
Оттаму нагласуваат дека согласно Законот за евиденции, сите интервенции треба да се евидентираат електронски, а целта е кратење на времето за чекање за овие листи.

„Фокусирани сме на зајакнување на сите сегменти на здравствениот систем, почнувајќи од кадарот, новата медицинска опрема, условите за третман на пациентите, а воедно и условите за работа на персоналот. Истовремено се залагаме за долгорочно зајакнување на специјалистичките дејности преку доделување специјализации со Програмата за специјализации која Министерството ја изготвува на годишно ниво“, се вели во одговорот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП