3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија тргнува во нов јуриш по работници од Македонија – како да...

Германија тргнува во нов јуриш по работници од Македонија – како да се „одбраниме“?

Германија се соочува со најголем недостиг од работници во последниве 10 години, покажува истражување на германскиот Институт за истражување на пазарот на трудот.

Речиси половина од компаниите не успеале да ги пополнат своите слободни работни места за квалификувани работници во првите шест месеци од годинава.

Најмногу недостигаат работници во градежништвото, угостителството и во здравството. Токму поради оваа причина, Германија неодамна одлучи да ги олесни процедурите за вработување странци, особено од Балканот, каде што има многу образовани и квалификувани луѓе.

Македонија, пак, се соочува со сличен проблем. Околу 60 отсто од компаниите во земјава не можат да најдат соодветно квалификувана работна сила, додека само 2,5 отсто од возрасните вработени ги усовршуваат вештините.

Најмногу недостигаат градежни, машински и прехранбени техничари, но и натаму нема доволно пекари, плочкари, фасадери, водоинсталатери…

Во меѓувреме, изумираат некои од занаетите, како столарскиот, зашто процесите се автоматизираат, а тоа, пак, наметнува потреба од сосема нови, поинакви профили.

Економските експерти со коишто разговаравме сметаат дека Македонија мора да се приспособи на условите на европскиот пазар на труд и да бара работници за пополнување на слободните работни места во нашите компании.

„Македонија се соочува со сериозен проблем на недостиг на квалификувана работна сила, која ја загрозува конкурентноста. Потребно е да се засили инвестицијата во образованието и обуката на работниците, да се подобри соработката помеѓу образовниот и економскиот сектор, да се стимулира мобилноста и географската распределба на работната сила, да се олесни вработувањето на странски работници и да се намали емиграцијата на домашните работници. Само со вакви мерки, Македонија може да го искористи својот потенцијал за економски развој и да се приближи кон европските стандарди на живеење“, коментираат експертите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП