Повеќе од 110 реномирани меѓународни награди, подготвени и реализирани над 7.500 кампањи, соработка со 600 клиенти, како и 300 вработени се само дел од успесите и достигнувањата на маркетинг-агенцијата „Њу момент“, која што годинава одбележува три децени од своето основање. Како еден од главните поставувачи на темелите на домашниот адвертајзинг, тимот предводен од Сашо Пешев изминативе 30 години на најразлични начини ја поддржува и ја унапредува македонската креативност.
-Приказната на „Њу момент“, најмногу за нас, што сме дел од неа, но се надеваме и за опкружувањето во кое што живееме и работиме, е инспиративна затоа што докажува дека креативноста не опстојува само во големите земји и на нивните пазари, туку таа се раѓа, се развива и остварува врвни резултати и во мали региони како нашиот, не само балканскиот, туку и македонскиот. Соработката и пријателството со Драган Сакан, којшто стои зад идејата на нашата, сега голема, а во 1993 година, агенција во зародиш, се основаше токму на вербата во квалитетите, пред сè, на нашите луѓе, но и на искуствата наталожени во овие простори. Таа верба изминативе три децении ни овозможи да креираме идеи и решенија кои што можат да стојат рамо до рамо со светските – вели Сашо Пешев, генерален директор на „Њу момент Скопје“ и партнер во агенцијата која што има канцеларии и во Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија и во Косово.

