Повеќето граѓани на Македонија не се подготвени да работат над 62 (жени), односно 64 години (мажи), како што веќе станува пракса во повеќе европски земји, покажуваат анкетите.
Резултатите откриваат дека само 13,5% од испрашаните сметаат дека можат да работат до 67 години, додека 86,5% сметаат дека тоа е премногу.
Еден од оние кои не сакаат да работат подолго е и 62-годишниот скопјанец Борис Манасиевски, вработен како магацинер во една голема компанија.
Тој вели дека со нетрпение чека да поминат уште две години и да оди во пензија.
За ништо на светот, вели тој, нема да прифатам продолжување на работниот век.
„Јас веќе ја чувствувам староста, немам доволно сила, не гледам добро, брзо се заморувам и признавам дека ми е време за пензија. Не можам да се натпреварувам со младите кои се посветени и амбициозни. Сега сакам да уживам во животот, да се посветам на семејството и да патувам. Не сакам да работам до крајот на животот. Па до кога да работам, до смрт?”, вели Манасиевски.
Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), воопшто не треба да се размислува за некакво зголемување на старосната граница за пензионирање, нагласувајќи дека тоа не е решение за дефицитот и дека системот треба да овозможи предвремено пензионирање и заштита на работниците.
„Напротив, треба да се воведат повеќе модели за поволни услови за пензионирање. Потребни се сериозни политики за зголемување на вработеноста кај младите преку отворање реални и одржливи работни места, поттикнување домашни и странски инвестиции, како и континуиран раст на платите. На тој начин би се зголемиле средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истовремено би се намалила сиромаштијата”, велат од ССМ.
Според последните податоци, во април годинава во Македонија биле евидентирани 348.512 корисници на пензија. Просечната пензија изнесува околу 28.000 денари месечно.
Продолжувањето на старосната граница е само една од мерките на ригорозно штедење на државните трошоци. Во настојувањето да се изборат со дефицитите во буџетите, членките на Европската Унија ги намалуваат платите или воведуваат нови даноци за полесно да се справат со глобалната економска криза.
Б.З.М.



