27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтудентите добија автобуска карта, пензионерите некоја илјадарка, сиромашните субвенции за струја, а...

Студентите добија автобуска карта, пензионерите некоја илјадарка, сиромашните субвенции за струја, а фукционерите месецов ќе ја трошат 10та зголемена плата од 78%!

Владата го претстави планот за поддршка на ранливите категории на граѓани. Парична помош добиваат неколку категории, пред се фокусот е на домаќинства кои месецот го поминуваат со помал износ на финансиски средства.

Преку Предлог закон владата планира да се донесе оваа помош, а за тоа да се случи потребно е пратениците во собранието да дадат зелено светло. Експертите уште кога се најави овој пакет на мерки препознаа предизборно додворување, а пак опозицијата обвини за лицемерие, бидејќи за функционерите има секој месец плата која надминува неколку илјади евра а за граѓаните само некоја илјадарка со која не може да се купат основните дневни потреби во домот.

За полесно да се справат со енергетската криза, ранливите категории на граѓани ќе добијат парична помош од државата. Како што стои во предлог законското решение кое веќе е испратено во собрание, корисници на финансиска помош ќе бидат граѓаните кои добиваат посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и студенти кои живеат надвор од местото на студирање.

Во следните пет месеци по две илјади денари започнувајќи од декември годинава ќе добоваат  корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

Пензионерите со пензија до 19 илјади денари ќе добиваат парична помош, и тоа оние со пензија до 14 илјади месечно ќе им следува по три илјади, две илјади за пензионерите кои имаат месечна пензија помежу 14 и 16 илјади денари, и 1500 денари од 16 до 19 илјади денари.

Во предлог законот на владата предвидено е и средства за ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари. За ученици во основно образование е предвидено помошта да изнесува 1.200 денари и 1.800 денари за ученици во средно образование за период од шест месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.

Финансиската поддршка е предвидена и за студенти кои живеат надвор од местото на студирање. Поддршката е  предвидена да биде во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирањето, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.

Од владата велат дека во овој четиригодишен период со повеќе испреплетени кризи, одговориле на ефектите врз економијата и животниот стандард на граѓаните со понудата на деветте пакети антикризни мерки. Претходните осум пакети на антикризни мерки достигнаа ниво од речиси две милијарди евра. Со тоа е намален економскиот пад во 2020 година, кој беше компензиран со растот во 2021 година, за потоа растот во 2022 година, 2023 година и проектираниот раст во 2024 година да бележи забрзана нагорна динамика, велат од Владата.

 „Целта беше да се задржи куповната моќ на населението и ликвидноста на компаниите, со постепено таргетирање кон најранливите категории граѓани и истовремена поддршка на инвестициите. Мерките овозможија да се забави преносниот ефект од увезената инфлација, да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија и да се спречат ценовните шокови. Благодарение на мерките насочени кон ограничување на порастот на цените, инфлацијата е во постојан пад 12 месеци по ред и достигна 3,1% во ноември 2023 година, откако во октомври 2022 година ги достигна највисоките 19,8%“, велат од Владата.

Од Институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк овој пакет на антикризни мерки го оценија како добра можност за помош на граѓаните кои имаат сериозен финансиски проблеми. Но, експертите утврдија и опасност од можни предизборни манипулации.

„Oдредени мерки по својот обем, како и одредени мерки кои не се директно поврзани со кризата но помогаат во поглед на нејзините последици, се донесени во време кога земјата влегува во изборен циклус и во време кога инфлациските очекувања остануваат подигнати. Во таа смисла, проценуваме дека таквите мерки носат значајни ризици“, велат од Фајнанс Тинк.

Опозицијата веднаш излезе со реакција. Не кажаа дали ќе го поддржат во парламентот овој предлог закон, но обвинија дека на граѓаните само им се даваат трошки во споредба со тоа што го уживаат властите во државата.

„Ковачевски, Пендаровски и Џафери за секој работен ден земаат по 50 евра повеќе плата од до сега. И сега Ковачевски кој зема илјадници евра годишно, народот го залажува со 1.000 денари, и тоа во време кога 600.000 наши сограѓани живеат во сиромаштија. Народот не се залажува со 1.000 денари. Народот сака подобар живот. Со Ковачевски и СДС и ДУИ тоа не е можно“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Овој пакет на мерки е обезбеден од парите со кои околу 200 компании уплатија во државниот буџет данок на солидарност.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП