27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот бара предвидливост, власта билда оптимизам дека ќе бидеме лидери во Европа

Бизнисот бара предвидливост, власта билда оптимизам дека ќе бидеме лидери во Европа

Бизнисот сака годинава да ја заборави, власта очекува следната да биде подобра. Наместо година на економско закрепнување, економијата од јануари па се до крајот на оваа година се соочи со многу проблеми и голема непредвидливост. Секторите кои редовно испорачуваа раст сега се обидуваат да бидат на „позитивна нула“ како што велат бизнисмените, само да не се во минус. А пак властите се толку сигурни во својата политика која ја водат што очекуваат само позитивни ефекти од нивните одлуки без да ги наведат потенцијалните ризици со кои може да се соочи македонската економија во периодот што следи.

Поголема вклученост во економските политики и поголема предвидливост, со план да се решаваат новонастанатите предизвици од областа на економијата ќе придонесе до испорака на подобри резултати како на приватниот сектор така и во јавните услуги. Бизнисмените велат дека власта и бизнисот мора да се партнери, и да си помагаат не само кога е криза, туку и во нормални услови.

„Потребно е градење отпорност преку ефективно планирање на деловниот континуитет. Иако темата е специфична истата упатува на потреба од размислување, планирање и подготовка за непосакувани и непланирани случувања. Бизнисот, како и секој аспект од нашиот живот, стана непредвидлив. Од природни катастрофи, технолошки дефекти, пандемии, сајбер напади, до нерегуларности во снабдувањето. Имаме пред себе бескрајни предизвици. За да ги совладаме, треба да бидеме подготвени и респонзивни. Кога зборуваме за континуитет во работењето, тоа не се однесува само на преживување во кризни ситуации, туку и на воспоставување и поддршка на основните операции и функции на бизнисот. Ова станува особено важно во периоди кога целиот свет, и ние секако, се соочуваме со предизвици кои се надвор од стандардите и усогласеноста. За сите нас, во организациите, во компаниите, имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени, да обезбедиме непрекинатост на услугите кон клиентите и да го поддржиме бизнисот во најразлични услови“, велат од Стопанската комора.

Од Владата уверуваат дека економскиот развој на државата им е примарна цел. Во однос на моменталната бизнис клима надлежните велат дека сите програми и мерки ги носат со консултации со бизнис секторот, бидејќи стопанските комори ги гледаат како вистински партнер за соработка. По влезот во НАТО, и како што велат почетокот на преговорите со Европската унија се обезбедува економски напредок на сите граѓани. Властите велат дека македонската економија е отворена и напредна, а еден од фундаментите е трансформација на економијата, бидејќи велат дека како европска економија потребно е да се искористат сите ресурси и капацитети за дополнителен раст на БДП. Владиниот оптизимзам е отиден до таму што велат дека во периодот што следи македонската економија ќе испорачува највисок раст во регионот, а и помеѓу државите од ЕУ.

„Дента кога ќе станеме дел од ЕУ, нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји членки на ЕУ. Во новото време на економија базирана на иновации и знаење, најдобрите практики се исклучително важни. Владата и натаму посветено ќе работи во создавање услови за развој на приватниот сектор кој е двигател на државата. Затоа, креираме мерки и нови планови за справување со моменталните предизвици, а паралелно работиме на мерки кои на среден и долг рок ќе донесат бенефит за државата.“

Доколку не се случат нови турбуленции во делот на енергенсите, глобалната економија оваа зима ќе здивне, а тоа може позитивно да се одрази и врз македонската економија. Економскиот раст за догодина е проектиран на 3,4 отсто, но за да се оствари таа прогноза ќе мора посериозно да се посветат надлежните на зголемување на деловната активност. Колку тоа ќе им биде приоритет засега не може да се каже. Она што е сигурно се изборите кои се поизвесно е дека ќе се случат во вториот квартал од годината. Во тој временски вакум досега било пракса еконимијата да стагнира, а јавните инвестициит да бида одложени за следен период.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП