2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКупуваат евтини гаражи, а скапо ги издаваат - нов тренд во инвестирањето

Купуваат евтини гаражи, а скапо ги издаваат – нов тренд во инвестирањето

Ако бизнисмените обично купуваат станови на повеќе локации и потоа ги издаваат и живеат од киријата, сега нов сличен бизнис, но со далеку помал влог, е купувањето и издавањето гаражи.

Ова е начин на инвестирање кој се покажува како успешен и профитабилен, особено во големите градови каде што паркинг-местата се дефицитарни.

Еден од оние кои се занимаваат со овој бизнис е Стојан М., скопјанец кој досега има купено 14 гаражи низ Скопје, а за кои вложил околу 25.000 евра.

Но, сега тој ги издава сите гаражи по месечна цена од 60-100 евра и месечно заработува околу 1.000 евра.

Тој објаснува дека долго време анализира пред да се одлучи да купи гаража на одредено место, но како што вели, досега нема направено големи грешки.

„Гаражите се популарни бидејќи луѓето не сакаат да платат 5.000 евра одеднаш за да купат своја гаража, бидејќи полесно им е да издвојат 60 евра во месецот за да го изнајмат своето паркинг-место и да имаат мирна глава. Плус, гаражите се сигурни и заштитени од влага и од ветер. Имаат и други предности, како што е можноста за складирање на работи кои не ги користиме често. Јас ги купувам гаражите уште пред да започне изградбата на зградата. И тогаш се далеку поевтини отколку отпосле”, вели Стојан.

Според него, најдобро се плаќаат гаражите кои се наоѓаат во близина на центарот, на факултетите, на болниците или на други места каде што има голема потреба за паркинг.

Тој додава дека гаражите се лесни за одржување и не бараат многу трошоци.

„Гаражите се одлична инвестиција, бидејќи се вредност која не се губи. Секогаш ќе има побарувачка за нив и секогаш ќе може да се продадат или да се издадат. Јас планирам да продолжам да купувам гаражи, бидејќи мислам дека ова е бизнис со иднина. Досега имам купено секакви видови гаражи – подземни, надземни, покриени, откриени, а имам купено и најобични обележани паркинг-места под ведро небо”, заклучува нашиот соговорник.

Не само Стојан, туку и други луѓе се занимаваат со купување и издавање гаражи во Скопје.

Еден од нив е Борислав Ј., кој има 10 гаражи на различни локации. Тој вели дека гаражите се поповолни од становите, бидејќи не се плаќа данок на недвижности, ниту комунални услуги.

„Гаражите се идеални за инвестирање, бидејќи не бараат многу време и пари за одржување. Јас само ги чистам еднаш во месецот и ги проверувам дали се исправни. Секогаш имам клиенти кои сакаат да ги изнајмат, бидејќи имаат автомобили кои не сакаат да ги паркираат на улица или во двор. Некои од нив ми плаќаат и полугодишно или годишно, па не морам да се занимавам со наплата секој месец”, вели Борислав.

Според него, гаражите се најдобра инвестиција во моментов, бидејќи се очекува дека цените на нив ќе растат во иднина, поради недостиг на паркинг-простор во градот.

„Гаражите се реткост во Скопје, а потребата за нив е голема. Затоа, јас сметам дека ова е добра можност за да се заработи и да се зголеми вредноста на имотот. Јас планирам да купам уште неколку гаражи, ако најдам добри понуди”, заклучува Борислав.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП