2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДомовите за стари лица „плачат“ за болничари и негуватели – еве колкави...

Домовите за стари лица „плачат“ за болничари и негуватели – еве колкави плати се нудат!

Огласниците се преплавени со огласи за негувателки и болничарки во домови за стари лица.
Со секој поминат ден, бројот на стари и изнемоштени лица во земјава се зголемува, а со тоа и потребата од квалификуван и посветен кадар кој ќе им обезбеди достојност и грижа.

Но, дали има доволно вработени во домовите за стари лица, и дали тие се задоволни со својата работа и плата?

Во последно време, на огласниците се појавуваат се повеќе огласи преку кои се бараат негувателки, медицински сестри и болничарки за работа во домови за стари лица.

Еден од огласите гласи: „Дом за стари лица има потреба од негувателки, медицински сестри и болничарки со и без работно искуство за работа во дом за стари и изнемоштени лица. Нудиме одлични услови за работа и редовни месечни примања“.

Денар разговараше со менаџер на еден од најпознатите домови за стари лица во Скопје, стациониран во срцето во градот.

Тој ни изјави дека тешо се наоѓаат вработени, а бројот на стари лица од ден на ден сè повеќе расте.

„Ние имаме капацитет за 45 стари лица, но во моментов имаме само 15 вработени, од кои 6 се негуватели, 2 се медицински сестри, 5 се болничарки и 2 се хигиеничарки. Ние им нудиме добри услови за работа, како и конкурентни плати. Болничарите добиваат плата и до 33.000 денари, додека медицинските сестри добиваат и до 40.000 денари плата, плус хранарина и превоз“, рече тој.
Но, не сите се согласни дека работата во домовите за стари лица е лесна и пријатна.

Една поранешна вработена во дом за стари лица, која сакаше да остане анонимна, ни раскажа дека работата е многу тешка, особено за млади.

„Јас работев како негувателка во дом за стари лица цели шест месеци, и можам да ви кажам дека тоа не е работа за секого. Треба да имаш многу трпение, да им помагаш на старите лица во секојдневните активности, да ги бањаш, да ги храниш, да ги преоблекувап, да ги забавуваш… И тоа не е сè. Има и многу емотивни и психолошки притисоци, бидејќи многу од старите лица се депресивни, осамени, болни, а некои и умираат пред твоите очи. Јас не можев да издржам повеќе, и затоа се откажав“, рече таа.

Оваа ситуација покажува дека има потреба од подобра организација и поддршка за домовите за стари лица, како и за вработените во нив. Старите лица заслужуваат да имаат достојно и квалитетно живеење, а тоа може да се постигне само со адекватен и професионален кадар кој ќе им обезбеди грижа и внимание.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП