28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„Може да е корона, а може и да не е“ – дури...

„Може да е корона, а може и да не е“ – дури и да сакате, не можете да се тестирате!

Брзи тестови за коронавирус се реткост во аптеките, а дури и да најдете, тоа се тестови коишто останале непродадени за време на пандемијата, па треба да сте среќајлија ако ви се погоди исправен тест.

Граѓаните се жалат дека тестовите се со „испарен“ реагенс и дека не можат да добијат точни резултати за својата здравствена состојба.

Еден од нив е и Владимир Грозданов, кој деновиве купил брз тест за корона во една од аптеките во Скопје.

Кога го отворил, забележал дека „испарила“ течноста, односно реагенсот. Веднаш реагирал во аптеката, но вработената му рекла дека тестовите се стари, уште од времето на пандемијата, но дека имаат валиден рок на траење.

„Јас не верувам дека ова се исправни тестови. Како може да се тестираме со нешто што е старо и неисправно? Ова е неморално. Сакам да знам дали сум позитивен или не, а не да ризикувам со своето здравје и со здравјето на другите“, вели Грозданов.

Вработените во аптеките, од друга страна, велат дека немаат избор и дека мораат да ги продаваат тестовите коишто ги имаат на залиха.

„Ние не добиваме нови брзи тестови за продажба, туку ги продаваме оние коишто ни останале непродадени за време на пандемијата. Не сме ние криви за тоа, туку само си ја вршиме работата и се обидуваме да им помогнеме на граѓаните“, изјави вработена во аптека на територија на Карпош.

Кога станува збор за вирусот, некои лекари велат дека ковидот во моментов не е толку опасен како во минатото и дека повеќето луѓе го преживуваат без сериозни последици.

Денар на оваа тема разговараше со матичен лекар од Скопје. Тој вели дека во последно време му доаѓаат многу пациенти со симптоми на ковид-19, но вели дека вирусот сега трае најмногу една недела, со кашлица, температура и со болка во грлото.

„Јас не мислам дека ова е истата верзија на вирусот што ја имавме за време на пандемијата. Ова е некаква слаба варијанта, која не е смртоносна и луѓето ја поминуваат болестса ‘на нога’. Не треба да паничиме и да се тестираме без потреба. Само треба да се чуваме и да пиеме витамини и течности“, вели матичниот лекар.

Но, неговото мислење не е во согласност со она што го велат здравствените власти и епидемиолозите, коишто предупредуваат дека вирусот е уште присутен и дека може да мутира во поопасни форми.

Тие апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките за заштита и да не ја потценуваат опасноста од зараза.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП