„Google“ официјално ги објави плановите за постепено укинување на колачињата од трета страна како дел од иницијативата „Privacy Sandbox“.
Овој пристап ќе се имплементира во фази и ќе започне со тестирање на 1% од корисниците на почетокот на 2024-та година, по што ќе се спроведе поопширно елиминирање на надворешните колачиња во текот на третиот квартал од следната година.
Надворешните колачиња се кодови за следење, кои се поставени од веб-страниците и се користат првенствено за онлајн рекламирање и следење на навиките на корисниците на различни веб-локации. Тие им помагаат на огласувачите да креираат профили за интересите на корисниците, по што можат да им понудат поконкретни реклами.
Сепак, истите овие надворешни колачиња може да се користат и за следење на навиките за прелистување на корисникот, што доведува до губење на приватноста.
Одлуката на „Google“ да ги елиминира надворешните колачиња ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на приватноста на интернет. Процесот има за цел да го намали следењето на корисниците низ мрежата, притоа дозволувајќи им на најсуштинските онлајн услуги да останат лесно достапни.
За време на периодот на тестирање, „Google“ ќе претстави привремени решенија и контроли кои корисниците можат да ги применат на колачиња кои се исклучоци на одредени сајтови во „Chrome“, за да нема прекини.
Компанијата планира да имплементира побезбеден пристап за „Chrome“ и очекува други прелистувачи да имплементираат слични стратегии.