6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИздавањето фискална сметка во некои дуќани е научна фантастика – во Чаир...

Издавањето фискална сметка во некои дуќани е научна фантастика – во Чаир и во Сарај ќе ви се смеат ако побарате

Многу граѓани се жалат дека не добиваат фискална сметка кога купуваат производи или услуги во некои делови на земјата. Тие велат дека тоа најчесто се случува во региони како популарно наречената Пластичарска улица во Скопје, во населбите Чаир, Сарај и Бутел, но и во Тетово, Гостивар, Струга и Дебар.

Овој проблем не само што ги оштетува потрошувачите, туку и државната каса, бидејќи се губат приходи од даноци и акцизи.

Според Законот за фискални сметки, секој продавач е должен да издаде фискална сметка за секоја продажба, а секој купувач е должен да ја земе и да ја чува сметката до излегувањето од објектот. Во спротивно, може да се изложи на глоба од 5.000 до 50.000 денари.

Еден од граѓаните кои се жалат дека никогаш не добиваат фискална сметка во дуќаните на Пластичарската улица е Кристијан Веселиновски, кој живее во населбата Аеродром.

Тој вели дека секогаш бара фискална сметка, но добива само парагон блок, а честопати не го добива ниту тоа.

„Мислам дека тоа е незаконско и нефер. Јас плаќам даноци, а тие не. Тоа е штета за државата и за мене како потрошувач. Не знам зошто никој не го санкционира тоа”, вели Кристијан.

Од друга страна, некои од продавачите на Пластичарската улица отворено признаваат дека не издаваат фискални сметки, бидејќи немаат фискални каси или бидејќи сакаат да заштедат на трошоците.

„Јас не сум обврзан да издавам фискални сметки, бидејќи продавам само во готово. Фискалните каси се скапи и комплицирани. Ако морам да издавам фискални сметки, ќе морам да ги зголемам цените на производите, а тоа ќе ги отфрли купувачите”, вели еден продавач, кој сакаше да остане анонимен.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) велат дека се засилува контролата над издавањето фискални сметки и дека се преземаат мерки против оние кои го кршат законот.

Управата за јавни приходи континуирано и интензивно спроведува контроли согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања (ЗРГП) низ целата територија на државата, велат оттаму.

„Пристапот е целосно објективен и неселективен. Согласно расположливите човечки и материјални капацитети, се стремиме кон рамномерна територијална опфатеност со посебен фокус токму кон региони и дејности за кои постојат објективни показатели дека се даночно недисциплинирани без селекција по етничка или било каква друга припадност“ – укажуваат од Управата.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП