6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ги крати субвенциите, нови јадови за земјоделците

Владата ги крати субвенциите, нови јадови за земјоделците

Земјоделците се плашат дека идната година ќе загубат поголем дел од приходите и дека ќе се соочат со тешкотии во производството ако Владата ги смали субвенциите за земјоделството, како што најави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој не откри колку ќе биде смалувањето, но рече дека тоа е дел од новиот систем на субвенционирање, кој ќе го наградува квалитетот на производите.

Земјоделците, меѓутоа, велат дека новиот систем е неправеден и дека ќе им нанесе огромна штета, особено на оние со помали земјоделски површини.

Тие велат дека трошоците за производство се зголемени, а производите се продаваат за пониска цена поради лошиот квалитет кој е резултат на лошите климатски промени.

Земјоделците исто така велат дека новиот систем има премногу услови и барања, кои не е лесно да се исполнат.

„Со новиот систем, земјоделството ќе стане непрофитабилно и нема да се исплати оваа работа. Ние веќе сме во тешка ситуација, а со ова ќе бидеме во уште потешка. Не можеме да конкурираме со земјоделците од Европа, кои имаат поголеми земјоделски површини и повисоки субвенции. Ние сме принудени да продаваме на пазарот без фактури и да се задоволуваме со ниски цени. Ако ни ги смалат субвенциите, ќе мораме да го напуштиме земјоделството и да бараме друга работа“, вели Светозар Стојановски, земјоделец од Кавадарци.

Новиот систем на субвенционирање, додава тој, е дискриминаторски и не ги заштитува интересите на земјоделците.

„Тој е направен така што ќе исклучи многумина од нас од правото на субвенции, бидејќи има премногу критериуми кои не можеме да ги задоволиме. На пример, треба да имаме докази за продажба, а тоа не е возможно за сите земјоделски производи. Исто така, треба да имаме одреден квалитет на производот, а тоа зависи од многу фактори, како времето, болестите, штетите итн. Ние сакаме да имаме квалитетни производи, но тоа не е лесно да се постигне. Бараме од Владата да го преразгледа новиот систем и да ги зголеми субвенциите за земјоделството – вели Стојановски.

Земјоделецот посочува дека Министерството за земјоделство треба да направи разлика во субвенционирањето на вистинските земјоделци и оние на кои земјоделството им е хоби.

Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Владата преку буџетот и субвенциите манипулира со земјоделците.

„Со новата методологија 30 отсто од парите за субвенционираното производство за следната производна сезона владата тврди дека ги исплатила. И да е така, таа треба следната година да го исплати остатокот од 70%, што нема да се случи бидејќи стави дополнителни критериуми за земјоделците. Така доаѓа до помалиот износ на пари за субвенции. Тоа не сакаат да го кажат од власта во изборна година и го оправдуваат со тоа дека годинава имале висока исплата на субвенциите поради преклопувањето на двата модела. Но фактите се други. Годинава износот порасна поради платата на заостанатите субвенции од 70 милиони евра“, вели Трипуновски.

И тој се согласува со земјоделците дека производството во земјава поради климатските промени е преполовено, но додава дека дополнително е преполовено и како резултат на погрешните политики.

„Официјалните податоци од статистика се дека имаме намалено земјоделско производство за 50% поради несоодветните политики во секторот. Дополнително годинава поради климатските услови имаме намалување од 50% што значи дека тоа треба да се надополни со увоз. И наместо да произведуваме дома, ние ја зголемуваме увозната зависност и во овој сектор“, додава тој.

Според одредени податоци земјава увезува 80% од потребите за храна.

Во 2023 година, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој имаше на располагање 140 милиони евра од кои 114 милиони евра беа наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП