20 мај, 2024
ПочетнаСВЕТИзраел: Ослободувањето на заложниците од Газа нема да започне пред петок

Израел: Ослободувањето на заложниците од Газа нема да започне пред петок

Ослободувањето на заложниците според привремениот договор за примирје меѓу Израел и милитантите на Хамас нема да се случи пред петок, изјави израелскиот советник за национална безбедност.

Израел и Хамас рано во средата се договорија за прекин на огнот во Газа за најмалку четири дена за да се овозможи пристигнување на помош и ослободување на најмалку 50 заложници кои ги држат милитантите во палестинската енклава во замена за најмалку 150 Палестинци затворени во Израел.

Времето на почетокот на прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците кои Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври допрва ќе биде официјално објавено. Извор од египетските безбедносни сили рече дека посредниците побарале тој да започне во 10 часот во четврток.

Израелскиот јавен сервис Кан, повикувајќи се на израелски функционер, објави дека имало 24-часовно доцнење во спроведувањето на договорот, бидејќи тој сè уште не бил потпишан од Хамас и посредникот Катар. Официјалниот претставник рече дека се оптимисти дека договорот ќе се спроведе откако ќе биде потпишан.

„Преговорите за ослободување на нашите заробеници напредуваат и продолжуваат цело време“, рече советникот за национална безбедност на Израел, Тачи Ханегби во соопштението објавено од кабинетот на премиерот.

„Ослободувањето започнува според првичниот договор меѓу страните, а не пред петок“, рече Ханегби.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху не спомна потенцијално одложување во спроведувањето на договорот за време на прес-конференцијата доцна во средата. Изјавата на Ханегби беше објавена околу еден час по прес-конференцијата.

Првото примирје во речиси седумнеделната војна, со посредство на Катар, беше поздравено ширум светот како знак на напредок што може да ги олесни страдањата на цивилите во Газа под израелска опсада и да донесе повеќе израелски затвореници дома. Арапските министри го пофалија договорот, но рекоа дека тој треба да стане првиот чекор кон целосен прекин на огнот.

Израел рече дека прекинот на огнот може дополнително да се продолжи доколку се ослободат повеќе заложници, а палестински извор рече дека до крајот на месецот би можеле да бидат ослободени околу 100 заложници.

Хамас и неговите поврзани групи зедоа околу 240 заложници кога вооружени исламисти дивееја низ градовите во јужен Израел на 7 октомври. Претходно Хамас ослободи само четири.

„Тие нема да ги извлечат сите заложници, но ќе ги извлечат овие први 50, сите жени и деца… Ќе почнат да ги ослободуваат во следните 24 часа“, рече Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

САД, исто така, се надеваат дека стотици камиони со хуманитарна помош ќе пристигнат во Газа во следните неколку дена, рече Кирби.

„Сега е важно сите аспекти да бидат целосно имплементирани“, рече американскиот претседател Џо Бајден.

Црвениот крст ќе може да ги посети сите преостанати заложници во Газа, рече Нетанјаху.

Постепено ослободување на заложниците

Педесет заложници ќе бидат ослободени во текот на четири дена, најмалку 10 дневно, според канцеларијата на Нетанјаху.

Примирјето би можело да се продолжува од ден на ден се додека се ослободуваат дополнителни 10 заложници дневно, се вели во соопштението.

Израелското Министерство за правда објави список со 300 имиња на палестински затвореници кои би можеле да бидат ослободени.

Хамас соопшти дека првите 50 заложници ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински жени и деца затворени во Израел.

Стотици камиони со хуманитарни и медицински материјали и гориво ќе влезат во Газа, додека Израел ќе ги запре сите воздушни напади над јужниот дел на Газа и ќе одржува шестчасовна дневна зона на забранети летови на северот, соопштија владејачките исламисти во енклавата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП