2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПартиите ќе се офајдат од буџетот, ама граѓаните ќе ја платат цената

Партиите ќе се офајдат од буџетот, ама граѓаните ќе ја платат цената

Со зголемувањето на државниот буџет за 2024 година, кој ќе изнесува околу 5 милијарди евра, така се зголемува и сумата на народни пари која се префрла на сметка на политичките партии.

Според Законот за финансирање на политички партии, од државниот буџет се издвојува 0,15% за редовно финансирање на партиите. Ова значи дека наредната година партиите сложно ќе поделат над 7,5 милиони евра од државниот буџет.

Политичките аналитичари сметаат дека ова зголемување на буџетот им одговара на политичките партии, бидејќи ќе добијат повеќе пари од вообичаеното, а тоа значи дека ќе можат да си дозволат поскапи рекламни спотови, закупи на билборди во предизборна кампања, митинзи, концерти и други начини на промовирање на своите програми и кандидати.

„Ова е една неправедна и нерационална распределба на парите на граѓаните, кои се принудени да ги финансираат партиите, без да имаат влијание врз тоа како тие пари се трошат. Партиите треба да се финансираат од своите членарини и донации, а не од буџетот, кој треба да се користи за подобрување на животниот стандард на граѓаните, образованието, здравството, инфраструктурата и други приоритетни области”, коментираат аналитичарите со коишто разговараше Денар.

Според политиколозите, зголемувањето на буџетот за партиите е во спротивност со принципите на демократијата и транспарентноста, бидејќи не постои ефикасен механизам за контрола и одговорност на партиите за начинот на трошење на државните пари.

„Партиите треба да ги објавуваат своите финансиски извештаи, да ги докажуваат своите приходи и трошоци, и да бидат санкционирани доколку се утврди дека ја имаат злоупотребено или лажно пријавено својата финансиска положба. Но, за жал, тоа не се случува во пракса, бидејќи партиите се заштитени од надлежните институции, кои често се под влијание на политичките интереси”, објаснуваат експертите.

Од друга страна, политичките партии го бранат своето право на финансирање од буџетот, тврдејќи дека тоа е неопходно за нивното функционирање и учество во политичкиот живот.

„Партиите се основни субјекти на демократијата, кои ги претставуваат интересите на граѓаните и ги нудат алтернативи за решавање на проблемите во општеството. Затоа, партиите треба да имаат доволно средства за да можат да се организираат, да ги образложат своите идеи и да ги мотивираат граѓаните да гласаат за нив. Финансирањето од буџетот е законско и легитимно право на партиите, кое не смее да се става под знак прашање”, вели претставник на парламентарна политичка партија.

Тој ги отфрла и обвинувањата дека партиите прават злоупотреби со државните пари и дека не се транспарентни во своето финансиско раководење.

„Секогаш ги почитуваме законските обврски и ги објавуваме своите финансиски извештаи на редовна база, како и ги пријавуваме своите приходи и трошоци од предизборните кампањи. Ние не сме дел од никаква корупција или злоупотреба со државните пари, туку сме одговорна и принципиелна партија, која работи за доброто на граѓаните и државата”, вели нашиот соговорник.

Според Законот за финансирање на политички партии, парите од буџетот се доделуваат на партиите според нивните изборни резултати, при што се земаат во предвид бројот на гласови и бројот на освоени мандати во Собранието и во локалните самоуправи.

Лани за истата намена беа пресметани околу 6,9 милиони евра, но како што расте буџетот, така растат и приходите на партиите. Сумата потоа се дели според освоени гласови на изборите, па лани најмногу пари доби ВМРО-ДПМНЕ околу 1.490.000 евра, потоа СДСМ околу 1.320.000 евра, а ДУИ доби околу 680.000 евра.

Но, и помали партии кои се делови од коалициите на власта и опозицијата добиваат сериозни пари, на пример Демократската партија на Турците добила исплата од 134.000 евра, Демократскиот Сојуз над 40.000 евра, ГРОМ на Стевче Јакимовски над 130.000 евра.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП