Градежниот сектор продолжува со остварување на позитивни резултати на меѓународниот пазар. Официјалните податоци велат дека македонските градежни компании забележале зголемување на договорените и извршените работи во странство. На градежниците од Македонија се уште им е нејасно како е можно во странство да бидат ценети и барани, а за извршување на големи капитални проекти во сопствената држава да бидат прогласувани како некапацитетни. Во меѓувреме секторот се соочува со најголемиот проблем на денешницата а тоа е работниот кадар, кој се помалку е квалификуван.
Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари – септември годинава, македонските градежни компании договориле за речиси 70 отсто повеќе работа на странскиот пазар во однос на истиот период лани. Податоците на статистичарите велат дека најмногу градежни работи во анализираниот период се договорени во најсилната европска економија-Германија и тоа за 166 отсто повеќе од периодот јануари – септември лани. Потоа сериозно зголемување на градежните договори на македонските градежни фирми во странство има и во Црна Гора и тоа за 134,5 отсто. За 66 проценти има повеќе договорени градежни проекти и во соседна Бугарија. Во однос на извршените градежни работи, во периодот од јануари до септември годинава во Црна Гора има најголем раст на извршените градежни македонски компании, и тоа за 175 отсто во споредба со истиот период лани. Следуваат податоците за германија кои вечат дека во оваа држава се зголемиле извршените градежни работи за речиси 140 отсто во однос на јануари – септември ланската година. Во Бугарија податоците велат колку се договорило, толку и се извршило, односно 66 отсто.

