Од денеска до 28 ноември, управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) започнува серија средби со членовите на подружниците на Институтот ширум земјата. Целта на ваквите средби е, преку директна комуникација со професионалните сметководители, да се потврдат досегашните и да се утврдат идните чекори на патот кој води кон натамошно унапредување на сметководствената професија во земјата и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, со земјите членки на Европската Унија и останатите развиени земји во светот.
„Овие средби се одлична можност да се потсетиме на значењето од доследно имплементирање на законските прописи и принципите за интегритет, објективност, компетентност, доверливост и професионално однесување, како основен предуслов за натамошно јакнење на професијата сметководител во нашата земја. На тој начин сите заедно ќе обезбедиме знаењето и трудот на професионалните сметководители повеќе да се вреднува и истовремено да се елиминираат нелојалната конкуренција и работата во т.н. сива зона – појави кои сеуште се присутни и нанесуваат штета на целата професија. Дополнително, сметавме дека е особено важно овие средби да ги искористиме за одново да го афирмираме значењето на меѓународните стандарди за финансиско известување, чие воведување и примена ќе донесат уште повисок степен на професионалност, поголем квалитет и изедначување на домашната сметководствена практика со онаа што се применува во глобални рамки, што секако ќе ја зголеми атрактивноста на оваа професија помеѓу младите“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.


