„Ten Barrels Cabernet Sauvignon Reserva 2020“ од винарија Камник доби национален трофеј и е прогласено за најдоброто вино од Македонија на вториот саем „Винска визија на Отворен Балкан“. Винаријата Камник на саемот доби вкупно 18 награди, од кои и 7 златни, 7 сребрени и 2 бронзени медали за селектирани црвени, бели и оранж вина од целосниот асортиман. Ten Barrels Cabernet Sauvignon Reserva 2020 ја доби наградата Best of Show – North Macedonia од меѓународното стручно жири кое оценуваше над 800 примероци вина.

Винаријата Камник следната година одбележува 20 години од постоењето. Со годишно производство од над 250 000 литри низ модерен вински стил, ја материјализира автентичноста, уникатноста и традиција на македонскиот тероар. Применувајќи иновативни техники во енологијата во комбинација со внимателно следење на процесот на зреење во буриња од француски и американски даб, винарија Камник создава вина кои содржат единствени зачински ноти и елегантни, софистицирани вкусови. Во изминатите 5 години винаријата направи значителни инвестиции со цел модернизирање на технологијата на производство на вино и зголемување на капацитетот, така што додаде 30 нови хектари лозови насади кои што се наоѓаат на повисока надморска висина споредено со Скопското виногорје. Винаријата Камник изминатите години успеа да воспостави извозни релации со регионот, Европа, САД, Кореа, Бразил.


