4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата: Македонскиот работник на балканското дно

Просечна плата: Македонскиот работник на балканското дно

За една деценија просечната плата во земјава пораснала за 72%, но македонскиот работник останува меѓу најмалку платените во регионот. За сериозен раст на платите е потребен раст на економијата и на продуктивноста.

Во последните неколку години платите за прв пат имаат посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор.

Додека статистиката мери раст на просечните примања експертите предупредуваат дека тој е неодржлив на долг рок.

За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика -продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Освен ниската продуктивност ограничувачки фактор за раст на платите сеуште е и високата стапка на невработеност.

Сепак, ова полека се менува. Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфаќаат дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван. Натамошниот пад на невработеноста ќе резултира и со раст на просечната плата.

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 72%.

Просечната плата во септември 2013-та била 21.060 денари, во септември 2016-та 22.191, во 2018-та 24.355, во септември 2021-та 28.869 денари и во септември 2023-та 37.876 денари.

И покрај континуираниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата, со нето приход од 37.876 денари односно 615 евра.

Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 735 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат исто колку нас 645 евра, во Црна Гора 800, во Хрватска 1.156 и во Словенија 1.442 евра месечно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП