Највисоки плати во земјава добиваат компјутерските прорамери, професија која одамна е прва на листата најплатени во земјава. Просечната плата во септември изнесувала околу 1.500 евра или просечни 92 568 денари – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Втори на списокот топ пет најплатени професии се фармацевтите, кои во октомври земале во просек 59 772 денари нето плата. Следуваат вработените во “Складирање и помошни дејности во превозот” со 59 297 денари за септември, па вработените во “Останати стручни, научни и технички дејности” со 59 243 денари и последни од топ пет се вработените во “Воздухопловен транспорт” со 54 087 денари нето плата.
На другата страна пак од скалилото, топ пет најнеплатените професии во земјава се со минимум трипати и дури над четири пати пониски плати од професиите со највисоки примања. Така убедливо на дното се вработените во секторот “Заштитни и истражни дејности” кои со платите се пониски од сегашниот минималец. Или во септември добиле во просек по 20.110 денари. Следуваат вработените во секторот “Производство на кокс и рафинирани нафтени производи” со 24.003 денари, па тие во услуги поврзани со одржување згради со 24.145. Нешто подобри со плати од 24.161 денари и 25.344 денари се вработените во Производство на кожа, и во дејностите за Производство на облека.

