2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавниот буџет – за едни мајка, за други маќеа!

Државниот буџет – за едни мајка, за други маќеа!

Познатата изрека „Кучињата лаат – карванот си врви“ е типичен пример за односот на власта и останатите избрани и именували лица кои и покрај сите реакции и незадоволства во јавноста тие не се обидуваат ниту да изглумат дека имаат намера да си ги вратат платите на нивото од пред одлуката на Уставниот суд да им ги зголеми за цели 78 отсто. Од друга страна, добар дел од јавниот сектор е на улица, со месеци бара плата за достоинствен живот. Приватниот сектор пак веќе прави пресметки за новата најавена висина на минималната плата од 22 500 денари.

Здравствени работници, судска и обвинителска администрација, вработени во јавни претпријатија, се само дел од „армијата“ на разочарани граѓани кои се дел од државниот систем, а кои мака мачат да поминат со платата од први до први. Не само што не добија ниту приближно зголемување на платите кое го бараа, туку не добија ниту понуда која би ја разгледале и би преговарале, како синдикат, компанија или здружение кое јавно изразува незадоволство од моменталната состојба во која се наоѓа колективот.

Здравствените работници, поточно Независниот синдикат на здравството предупреди дека доколку не се одговори на барањата, булеваратот пред владината зграда на Илинденска на втори декември ќе биде блокиран. Тие најавија претест и радикализација на состојбата. Здравствените работници бараат зголемување на платите од 30 отсто.

Предупредувачки протест најавија и вработените во Фондот за здравствено осигурување. И тие се незадоволни од платата која ја добиваат во оваа државна институција. Тие тврдат дека имаат толку ниски плати што немаат пари ниту да ја покријат минималната потрошувачка кошничка.

„Да се извести министерот за здравство дека не смее и не може да потпишува колективни договори со кои им се зголемува платата на администрацијата во јавно здравствените установи без истото да важи за вработените во ФЗО, веднаш и без одлагање да се постапи согласно одлуката на ССМ за назначување на член на управен одбор во ФЗО затоа што на сегашниот му е истечен мандатот од месец септември 2023 година“, велат од синдикалната организација на ФЗОМ.

Дека не се предвидени пари во новиот буџет за идната година за покачувањето кое го бараат, денеска на улица ќе протестираат и вработените во судската и јавнообвинителската администрација.

Повторно пред зградата на судовите тие ќе побараат европска плата, бидејќи велат дека им е смачено да работат за минималец. По примерот на властите и тие сакаат да добиваат плати зголемени за 78 отсто. Но велат дека не им е понудено ништо од страна на властите.

„Според информациите што ги имаме, планот на Владата е во март кога ќе порасне минималната плата, усогласување со неа да не добие никој од вработените во јавниот сектор. Исто така, дознаваме дека е можно изигрување на сите вработени, да се направат закони без учество на синдикати, сами да си ги направат коефициентите на сложеност, што значи дека и тоа што е предвидено во општиот колективен договор да не стапи на сила како што треба од 2025 година“, велат од УПОЗ.

И додека работниците бараат некоја илјадарка повеќе за достоинсвено ако може така да се каже да го протуркаат месецот, избраните и именувани лица ја трошат осмата зголемена плата од 78 отсто.

Нема ниту измена на фамозниот член на законот за плати на функционерите, ниту пак се знае кои по ново седум законски решенија треба да се менуваат за да се дојде до големото откритие, а тоа е функционерите да си ја намалат платата.

Сега, од Владата велат дека треба да биде јавноста мирна бидејќи на пролет нема да има ново зголемување на платите, бидејќи наводно владата решила дека нема да добијат ново зголемување кое според постоечкиот закон треба да се движи од 300 до 500 евра. Но, за зголемените плати од 78 отсто има пари во буџетот за 2024 година, и тоа околу 15 милиони евра, за тоа не е никаков проблем.

 „Има работна група која ќе дојде со предлог решение на влада и и владата ќе излезе со конкретен став за тоа прашање“, велат од владата.

А од пролет веќе е најавена нова зголемена минимална плата. Висината ќе изнесува 22 500 денари. Со продуктивност која е на многу ниско ниво, работодавачите веќе имаат главоболки како и од каде да ги обезбедат парите кои ќе им бидат потребни да ги исплатат на своите вработени. Во моментов висината на просечната плата во земјава изнесува нешто над 36 илјади денари. Функционерските плати се повисоки за три до четири пати.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП