Израелските сили им дадоа еден час на лекарите, пациентите и раселените лица во болницата Ал Шифа во Газа да го евакуираат медицинскиот комплекс во саботата, предизвикувајќи „голема паника и страв“, објави Ал Џезира.
Медицински извор во Ал Шифа изјави за „Ал Џезира“ дека е „невозможно“ да се евакуира болницата бидејќи има околу 7.000 луѓе во установата, која со денови е бомбардирана и опколена од израелските војници, вклучително и пациенти кои се во критична состојба.
-Немаат амбулантни возила за префрлање пациенти и предвремено родени бебиња на југот на Газа – рече тој.
Во болницата има најмалку 300 пациенти, од кои некои или повеќето се во тешка или критична состојба, како и илјадници раселени семејства.
Вклучува и најмалку 35 предвремено родени бебиња кои осум дена се надвор од инкубаторите поради недостаток на кислород и струја. 39 бебиња останаа без инкубатори – четири починаа доцна во петокот, а пет сега се тешко болни, јави „Ал Џезира“.
Израелската армија им наложи на луѓето да се евакуираат преку улицата Ал Рашид, што не е вообичаената улица или рута по која треба да поминат луѓето кои се евакуираат на југ.
– Тие обично одат по улицата Салах ал-Дин – рекол изворот.
Израел постојано повикуваше болницата да биде евакуирана во јужниот дел на Појасот Газа, но медицинските експерти велат дека многу пациенти не можат да бидат преместени.
Во изјава за „Ал Џезира“ еден од лекарите рече дека не е возможно да се преместуваат пациенти без брза помош.
-Ни беше кажано да поминеме преку патот Ал Вахд. Десетици тела лежат на патот. Многу раселени лица кои не можат да одат се оставени на патот – рече лекарот Омар Заквот и истакна дека повеќе од седум дена нема вода во болницата.
Струја нема повеќе од три недели. Доенчињата и бебињата останаа без кислород – рече тој и додаде дека условите биле како во „средновековна пештера“.
Израелската војска соопшти дека во болницата Ал Шифа во Газа пронашла „муниција, оружје и воена опрема“ на палестинското движење Хамас, што Хамас го негира.
Израел тврди дека Хамас го контролира командниот центар и лавиринтот од тунели под болницата, пишува The Times of Israel.