3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ги испружи нозете ама чергата е покуса за 500 милиони евра!

Владата ги испружи нозете ама чергата е покуса за 500 милиони евра!

И за следната година како и секоја претходно властите планираат да потрошат повеќе пари од што имаат на располагање. Предлог буџетот за 2024 година според Владата треба да изнесува 5,5 милијарди евра, но во каледарската година од Илинденска број два велат дека ќе соберат пет милијарди евра во државната каса. Математиката е лесна и вели половина милијарда евра недостасуваат за да се исполнат сите цели за следната година. Но, тоа не е проблем за ниту една Влада, пари во банките секогаш има.

Првичните реакции за Предлог буџетот за 2024 година се за стапката на економски раст и за капиталните инвестиции. Секако претпазливост мора да се има и за инфлацијата која континуирано се намалува. Со своја оценка излегоа и од Меѓународниот монетарен фонд од каде што истакнаа дека очекуваат економијата во земјава да се опоравува и полека да започне да испорачува економски раст чија висина ќе се доближува до европскиот просек. Во 2024 година од ММФ очекуваат да се зголеми домашната побарувачка, а таа да биде поддржана од засилувањето на јавните инвестиции, пред се проектите за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10д.

Надворешната трговија оценуваат дека е драстично подобрена во однос на ланската година што според нив е резултат на намалувањето на цените на енергенсите на глобално ниво. Од ММФ апелираат да се продолжат реформите во даночната политика и да се прошири даночната основа за данок на личен доход, и данокот на добивка. Дополнително монетарците сугерираат дека е потребно да се намалат ослободувањата од ДДВ и да се зголемат акцизите.

„ММФ ги поддржува намерите властите да го намалат буџетскиот дефицит следната година. Оваа година очекуваме властите да успеат да ја исполнат номиналната буџетска цел која сега е еднаква на 4,7 проценти од БДП, поддржано од неодамнешниот данок за солидарност и даночната политика. Ние целосно ги поддржуваме намерите на Владата да предложи буџет кој ќе биде козистентен со фискален дефицит во износ од 3,4 проценти во 2024 година. Инфлацијата се намалува благодарение на затегнување на монетарната политика и норамлизирањето на цените на храната и енергенсите на глобално ниво. Сепак и натаму се актуелни нагорните ризици од инфлацијата.“

На бизнис секторот им е важно да се реализираат предвидените капитални инвестиции за кои Владата идната година планира да инвестира над 700 милиони евра. Доколку повторно се пренаменат парите кои се предвидени за изградба на патишта, болници, училишта, подземна инфраструктура, инвестиции во иновации и претприемништво и се дадат за популизам, економијата не може сама од себе да се зголемува. Од Сојузот на стопански комори велат дека македонската економија има капацитет да биде поконкурентна од сегашното ниво. Местото на домашната економија не и е на дното на Западен Балкан.

„Секоја година во ноември или декември Владата предвидува капитални инвестиции, буџет, развоен буџет итн, а потоа во идната година повеќе пати се прават ребаланси на буџетот и се кратат средствата од тој буџет за капиталните инвестиции кои претходно се планирале“, велат од ССК.

Од ССМ се разочарани од односот на властите кои и покрај обврската да повикаат претставник од синдикатот да биде вклучен во изработката на државниот буџет тоа не се случи. Сега синдикалците стравуваат дека можеби нешто им се подготвува на работниците кое не го знаат заштитниците на работничките права.

„Во опасност се доведува целиот јавен сектор поради кршење на правилата на гранскиот колективниот договор кој предвидува задолжително присуство на синдикатот кога се подготвува буџетот за следната година. А тоа не се случи. Не бевме повикани од страна на Министерството за финансии како синдикат да учествуваме во подготовката на буџетот на идната година“, велат од ССМ.

Опозицијата пак, обвинува дека Владата за свои потреби ги троши парите на граѓаните и така ќе продолжи и во следната година. Од ВМРО ДПМНЕ истакнаа сериозни обвинувања за корупција и за криминал од страна на владеачката коалиција.

„Каде се трошат милијардите евра од буџетите 6 години по ред? Очигледно е дека наместо кај граѓаните, парите завршуваат кај криминалците, затоа и власта се обидува да купи ден повеќе власт во 2024 година, за да продолжи со криминалот и корупцијата до последен ден. Потребни се итни промени, за грабежот да запре“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

За следната година од владата најавија дека нема да издаваат еврообврзница, но затоа до крајот на оваа година државната каса ја чека уште една прерспределба на пари пред се од нереализираните капитални инвестиции. Дополнителен притисок за економијата догодина ќе бидат и изборите и тоа парламентарни и претседателски за кои се потребни ни помалку ни повеќе туку една милијарда денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП