4 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајниски плати, ама највисоки сметки – како тоа ние плаќаме најскапа струја...

Најниски плати, ама највисоки сметки – како тоа ние плаќаме најскапа струја во регионот?

Семејствата во Албанија и во Македонија плаќаат повеќе пари за електричната енергијата што ја трошат во споредба со другите земји во регионот, покажуваат податоците објавени од Евростат.

Според Евростат, во првата половина на 2023 година еден киловат-час енергија во Албанија чинел 0,101 евро (или 10,1 евра за 100 kВч), додека во Македонија е нешто поскапа и изнесува 0,105 евра за kВч (10,5 евра за 100 kВч).

Ова значи дека семејствата во овие две земји плаќаат највисоки цени за електрична енергија во регионот, додека косовските семејства имаат најевтин енергенс во Европа по цена од 0,067 евра за киловат-час.

Следуваат Турција (0,084), Босна и Херцеговина (0,087), Србија (0,096) и Црна Гора (0,096).

Граѓаните во Албанија и во Македонија се незадоволни од оваа состојба и бараат од владите да преземат мерки за намалување на цените на енергијата.

„Срамота е ние да плаќаме највисока струја во регионот, а имаме најниски примања и најлош стандард. Не можеме да си го дозволиме ни основното, а камоли да уживаме во животот“, вели Даријан, 35-годишен градежен работник од Скопје.

Слично мисли и Лидија, 42-годишна учителка од главниот град.

„Секој месец се бориме да ги платиме сметките за струја, а не ни останува за ништо друго. Владата треба да ги субвенционира цените на енергијата за најсиромашните слоеви на населението“, вели таа.

Пензионерката Марија од Нерези исто така се жали на високите цени на енергијата.

„Половина пензија ја трошам за да ја платам потрошената електрична енергија за претходниот месец. Не можам да си го затоплам станот, а надвор е ладно. Не знам како ќе преживеам оваа зима“, вели таа со солзи во очите.

Просекот на Европската Унија е речиси трипати поскап од регионот, со 0,289 евра за kВч.

Според Евростат, по значителното зголемување што започна пред руската инвазија на Украина, а истото тоа зголемување вртоглаво порасна и во втората половина на 2022 година, цените на струјата и гасот сега почнуваат да се стабилизираат.

Според експертите, цените на енергијата пораснале поради зголемената цена на природниот гас, кој се смета за дополнителен извор на гориво.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП