Бактерија ешерихија коли била најдена во дишните патишта кај бебето од Прилеп, кое почина вчера на Детската клиника во Скопје. Лекарите ја откриле бактеријата при прегледот за време на приемот во Скопје, вели директорката на Клиниката, Стојка Нацева-Фуштиќ, за „Макфакс“. Таа потврди дека бебето ги имало двата најголеми индикатора на сепса за што вели дека не може ниту да се претпостави каков замав ќе земе. Бебето од Прилеп било примено на Детската клиника на 5 ноември во лоша состојба, млитаво, со нарушена свест и со повремени прекини во дишењето.
„Бебето кај нас беше примено со висок прокалцитонин, кој е маркер за воспалителни процеси во телото и еден од индикаторите за рана неонатална сепса. Исто така, беше утврдена и нарушена коагулација, во сите испитувани времиња коагулацијата на крвта беше нарушена, што исто така е индикатор за сепса. Од дишните патишта на бебето беше изолирана бактеријата ешерихија коли, која се смета за еден од најчестите причинители на сепса, но бактеријата не беше потврдена во хемокултурата. Имаме два наода на хемокултура, кои се негативни, но треба да имаме предвид дека бебето веќе беше на антибиотска терапија. Состојбата му се влошуваше, му откажаа бубрезите, имаше попрогресивен тек на болеста, нешто што не може да се предвиди каков замав ќе земе, а исходот беше летален седум дена по приемот кај нас“, вели директорката Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“.

