Клиника Жан Митрев е медицинскиот партнер на македонскиот шампион Женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров. Со оваа соработка, најдобрата приватна клиника ќе се грижи за здравјето и за подобрување на перформансите на ракометарките. За физичката и кондиционата подготвеност на ракометарките на располагање им се најсовремените техники, апаратура и долгогодишно искуство на тимот од Клиника Жан Митрев. За контролните прегледи на ракометарките ќе се грижи тим од доктори специјалисти, предводен од д-р Виолета Николов, специјалист гинеколог.
„Екипата целосно ќе биде под здравствената заштита од наша страна. Во нашата грижа за ракометарките ќе бидат применети светските искуства во спортската медицина од здравствен аспект, со цел постигнување максимални резултати. Имаме нови методи кои сакаме и ќе ги искористиме за мониторинг на нивната здравствена состојба и за подобрување на психофизичката подготвеност. За нив ќе работи интердисциплинарен тим составен од физиотерапевт, специјалист ортопед, кардиолог како и најновото во спортската медицина, гинеколог. Се надевам дека ќе бидат задоволни и резултатите ќе бидат видливи. Пред овие девојки претстојат многу предизвици и успеси, а ние ќе помогнеме во постигнувањето на тоа“, вели д-р. Виолета Николов од Клиника Жан Митрев.




