Во најновиот Извештај за напредокот на земјата, Европската комисија повторно истакна дека усогласеноста во делот на монетарната политика со европската регулатива, стандарди и практики и натаму е на напредно ниво. Притоа, се нагласува дека поставеноста на монетарната политика во изминатиот период е соодветна, односно дека таа е целосно во согласност со економските фундаменти и соодветно е затегната како одговор на зголемената инфлација.
Во Извештајот се укажува на тоа дека високата инфлација се должи на глобалниот шок кај цените на храната и енергијата, што, пак, се пренесе и на другите цени. Се посочува дека централната банка одговори соодветно со затегнување на монетарната политика преку зголемување на основната каматна стапка, но и преку промени во задолжителната резерва, што придонесе за постепено намалување на инфлацијата. Се посочува и на ефективноста на мерките на Народната банка за поттикнување на штедењето во домашна валута (денаризација), што придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс.

