3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ"Алкалоид": Планиран вкупен извоз од 180 милиони евра или 70% во вкупните...

“Алкалоид”: Планиран вкупен извоз од 180 милиони евра или 70% во вкупните консолидирани продажби за 2023 година

Претседателот на Управен одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје во интервју за едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ најави силен извоз на компанијата за оваа година од 180 милиони евра, што претставува учество од околу 70% во вкупните консолидирани продажби.

Генералниот директор на една од најуспешните компании во Македонија вели дека очекува тешка но успешна година за компанијата.

  • Изминативе неколку години беа исклучително динамични и бараа огромна посветеност со цел надминување на бројните предизвици, започнувајки од пандемијата, па нарушувањето во синџирите за снабдување. Предвидливоста во набавките и обезбедувањето на неопходните репроматеријали значително се влошени. Ова дополнително е проследено и со континуирано покачување на набавните цени на многу влезни суровини и материјали. Повеќе од една година во економиите е присутна инфлацијата, која, како што се повеќе одминува времето, ги манифестира своите ефекти во насока на одложување на потрошувачката. Секако, и континуираното зголемување на каматните стапки го одбележа изминатиов период, дополнително влошувајки го економскиот амбиент. Овие трендови, покрај на домашниот и на регионалните пазари, се се позабележителни и во поголем број на останатите пазари каде што ги пласираме нашите производи, вели Мукаетов за порталот извоз.мк.

Запрашан за тоа како е да се произведува и да се извезува за време на висока инфлација, тој вели дека не е едноставно, и дека од одредени закани и ризици прават големи напори да ги претворат во можности.

  • Нашата индустрија е сериозно регулирана и во одредени сегменти не постои простор за брзи подесувања. Затоа сме силно фокусирани на многу внатрешни подобрувања и оптимизации, со цел да ја зголемиме рационалноста на сите можни процеси. На тој начин сме убедени дека ќе излеземе уште поподготвени во насока на надминување на тековните и пресретнување на идните предизвици, вели Мукаетов.

Тој вели дека очекувањата за тековната година се да остварат двоцифрен раст во клучните финансиски параметри

  • Ова се должи на забележителниот недостиг на антибиотици, како и на сирупи за настинка од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци успеавме да ги покриеме преку зголемен обем на производство и на продажба на вакви производи од нашето портфолио. Во тек е и процесот на подготовка на плановите за наредната година, а првичните најави од нашите пазари се дека повторно ќе не очекува тешка, но и успешна година.

Мукаетов вели дека традиционалните пазари од регионот се основата на нивното работење, но и дека во изминативе години е зајакнато присуството на ЕУ- пазарите

  • Секоја година отвараме и по неколку нови пазари, па во 2023 година може да обележиме дека обезбедивме наше присуство и во Италија, на Малта, Чиле, Австрија, Саудиска Арабија. Оваа година отворивме и наша компанија во Букурешт, со што правиме нов калитативен исчекор врзано за нашето присуство на романскиот пазар. Нашите очекувања се оваа година да оствариме вкупен извоз од околу 180 милиони евра, што би претставувало учество од близу 70% во вкупните консолидирани продажби на Алкалоид, вели генералниот директор на Алкалоид.

Целото интервју можете да го видите тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП