28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓански обврзници вредни 10 милиони евра ќе бидат понудени на утрешната аукција!

Граѓански обврзници вредни 10 милиони евра ќе бидат понудени на утрешната аукција!

Втората емисија за граѓанските обврзници заинтересираните граѓани може да ги запишат заклучно со денеска. Информациите кои ги објави министерството за финансии се дека утре ќе се оддржи аукција за граѓанска обврзница. Учество на аукцијата може да се направи преку комерцијалните банки во државата. Инаку, на располагање се ставени 10 милиони евра, а капатната стапка за една обврзница е пет отсто. Минималниот влог за граѓаните изнесува 10 илјади денари. Експертите веќе посочија дека станува збор за добар механизам за инвестирање на средства во капитални проекти. Но, има и опција да се тргува со граѓанската обврзница преку Македонската берза, а исто така може и инвеститорот во случајот граѓанинот да ја продаде обврзницата на друго лице.

Денеска истекува рокот за уплата на средства за запишување на граѓански обврзници. Информациите од ресорното министерство велат дека утре ќе се оддржи аукцијата. Потоа ќе започне процес на запишување на граѓанската обврзница на име на граѓаните во Централниот депозитар за хартии од вредност. Правилата велат, оние граѓани кои ќе запишат граѓански обврзници за својата инвестиција ќе добијат камата од 5% годишно, односно за две години вкупно 10% на вложениот износ.

„Исплатата на првиот купон ќе се изврши на 14 ноември 2024 година, додека вториот купон, односно каматата за втората година на 14 ноември 2025 година, истовремено со исплатата на вложените средства. Граѓаните можат да вложат минимално 10.000 денари, со купување на една граѓанска обврзница. Граѓанската обврзница е нов инструмент на домашниот финансиски пазар кој го издава државата. Инвестицијата во граѓанска обврзница е безризична и сигурна, носи атрактивен принос за граѓаните и при тоа ја штити вредноста на нивните пари“, велат од министерството за финансии.

Првата аукција која беше пласирана на македонскиот пазар на хартии од вредност се случи во јули годинава. Тогаш граѓаните имаа голем интерес за вложување и се пријавија 2,5 пати повеќе средства за инвестирање од првично планираните 10 милиони евра. Инаку, граѓанската обврзница е државна хартија од вредност која е наменета за граѓаните на Македонија. Според правилата за инвестирање, во случај граѓаните да решат да инвестираат во граѓанска обврзница, државата е должна следната година на истиот датум да ги врати парите со најавената камата.

„Со посета на еден од шалтерите на сите комерцијални банки во државата на кој треба да пополните барање за учество на аукцијата и да извршите уплата на паричниот износ за кој сакате да купите граѓански обврзници Купонската каматна стапка на 2-годишната граѓанска обврзница изнесува 5,00% и се исплаќа еднаш во годината. На пример: Доколку вложите 100.000 денари во граѓански обврзници, износот на купонската каматa на крајот на првата година ќе изнесува 5.000 денари. На крајот на втората година ќе Ви се исплати и втората купонска камата во износ од 5.000 денари, како и главницата од 100.000 денари (вложениот износ) или вкупно за 2 години 10.000 денари камата за инвестиција од 100.000 денари“, велат од министерството за финансии.

Познавачите на ваквите инвестиции посочуваат дека граѓанските обврзници се најмалку ризични инструменти од сите државни хартии од вредност. Овој финансиски интрумент нуди сигурност дека каматата со номиналната вредност ќе биде навремено исплатена. Не само што овие обврзници нудат поволна каматна стапка туку позади целиот проект стои државата како гаранција за сигурна инвестиција.

Дополнително од ваквата инвестиција не само што се помага на домашната економија преку финансирање на разни проекти, туку и се работи на истиснување на сивата економија преку намалувањето на готовина која е пуштена во оптек.

„Тргувањето на граѓанската обврзница е дозволено и истото може да се реализира преку Македонска берза АД Скопје и пазарите преку шалтер. Доколку има побарувачка, граѓанските обврзници може предвремено да се продадат и истото може да го извршите преку Македонска берза АД Скопје и пазарите преку шалтер. Граѓанските обврзници на секундарниот пазар имаат право да ги купат физички и правни лица.“ стои во проспектот на граѓанската обврзница.

Експертите веќе посочија дека во време на ваква криза која е дополнително потисната од инфлаторни шокови инвестирањето во граѓански обврзници е добар потег за домаќинствата. По првата аукција на граѓански обврзници која се случи на 13 јули годинава следуваше и Зелената обврзница која е наменета за развојни проекти кои имаат цел да го забрзаат економскиот раст на државата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП