6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАТешко се наоѓа термин во кучешките фризерници – грумерите заработуваат и до...

Тешко се наоѓа термин во кучешките фризерници – грумерите заработуваат и до 150 евра на ден

Сопствениците на кучиња во Скопје се соочуваат со проблем при закажувањето на термин за шишање на своите домашни миленици.

Кучешките фризерници се пребукирани и најчесто нудат термини по неколку месеци.

Надица Караколева, сопственичка на француска пудлица по име Луна, вели дека на секои три месеци го носи кучето на фризер, но дека закажувањето термин е најтешката работа.

„Морам да го земам телефонот и да се јавам во буквално сите фризерници во градот, а потоа да чекам да видам кој ќе ми одговори и кој ќе ми понуди термин. Некогаш се случува да добијам термин по три месеци. Тоа е многу непрактично и стресно“, вели Надица.

Таа додава дека за едно шишање плаќа 1.500 денари, а во цената е вклучено и капење на кучето, чистење на ушите и сечење на ноктите.

„Сметам дека цената е прифатлива, бидејќи знам дека работата е професионална и квалитетна. Моето куче изгледа прекрасно по шишањето и се чувствува добро“, вели Караколева.

Од друга страна, грумерите за кучиња велат дека работата им е прилично тешка и деликатна, со оглед на тоа што секојдневно си имаат работа со најразлични раси на кучиња, но и со најразлични табиети на сопственици на кучиња.

Еден од нив, кој работи како грумер за кучиња од пред две години, признава дека грумингот е еден модерен занает од кој добро се заработува.

„Во денот можам да поминам најмногу 6 кучиња, бидејќи за секое куче одвојувам околу 2 часа. Тоа зависи од големината, расата и состојбата на влакното на кучето. Дневно заработувам и до 150 евра, што не е лошо“, вели грумерот.

Тој посочува дека секое куче си има свој карактер, а и секој сопственик на куче си има замисла која треба да му биде исполнета.

„Морам да бидам внимателен и нежен со кучињата, да ги успокојувам и да ги третирам со респект. Исто така, морам да ги следам барањата на сопствениците, кои понекогаш сакаат да го променат изгледот на своето куче или да му дадат некаков стил. Се обидувам да ги задоволам сите“, вели нашиот соговорник.

Според него, најпопуларни и најчести муштерии му се пудлиците, шнауцерите, бишоните и малтезерите, бидејќи тие имаат влакно кое постојано расте и требa редовно да се одржува.

„Ги советувам сопствениците на кучиња да не чекаат предолго за да ги шишаат своите кучиња, бидејќи тоа може да им предизвика проблеми со влакната, кожата и хигиената. Најдобро е да го шишаат кучето на секои два или три месеци, во зависност од расата“, вели грумерот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП