Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, придружуван од претседателот на гранскиот синдикат на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), Игор Ѓерасов и од претседателот на синдикалната организација на САСА која е дел од СИЕР, Драган Миленковски, беше во посета на рудникот за олово и цинк САСА. Ова е прва посета на Трендафилов на САСА, по неговиот избор за претседателот на ССМ.

Во текот на посетата, синдикалните лидери имаа можност да се запознаат со работата на САСА, вклучително и со капиталните инвестициски проекти кои треба да овозможат натамошен одржлив развој на рудникот, како и со ефектите од досегашните вложувањата во целокупна модернизација на производството, во безбедноста и условите за работа, во професионалниот развој и благосостојба на вработените, како и во други области. Во оваа прилика, претседателот на ССМ, на сите во САСА, им ја честиташе освоената национална награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работa за 2023 година, потенцирајќи дека тоа е пример и за останатите компании за тоа како треба да се води грижа за вработените и за нивната благосостојба.



