1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова зима - стара дилема, струјата нема да поскапи ако турбо работат...

Нова зима – стара дилема, струјата нема да поскапи ако турбо работат сите електрани!

И оваа грејна сезона секојдневно се поставува старото прашање: дали ќе има доволно струја произведена од домашните капацитети и колкави ќе бидат сметките за граѓаните за електрична енергија. Власта веќе најави дека е можно зголемување на цената на струјата доколку не се најде решение за новонастанатиот проблем со таксата од Бугарија, но од Илинденска број два уверуваат дека проблемот ќе биде решен до крајот на овој месец. Опозицијата обвинува дека поради неуспешните политики кои ги води Владата сега надлежните ги подготвуваат домаќинствата за нов трошок кој повторно ќе удри врз семејниот буџет.

Надлежните од државните електрани уверуваат дека не е се така едноставно со можното зголемување на цената на струјата како што ја претстави премиерот вчера. Тоа што ќе треба да се плаќа таксата за дистрибуција на гас кој доаѓа преку Бугарија не мора со сигурност да се каже дека ќе ја зголеми цената за 20 отсто. Доколку домашните капацитети се подготвени и нема потреба да се увезува електрична енергија од странство, тогаш сметките на струја нема да имаат причина да се зголемуваат. Од ЕСМ додаваат дека во моментов работат трите блока во РЕК Битола – најголемиот домашен капацитет за производство на електрична енерија.

„Најголемиот производствен капацитет на Државните електрани, РЕК „Битола“, работи со сите три блока на мрежа. Залихите на ископан јаглен во РЕК „Битола“ во моментов изнесуваат околу 450.000 тони, а откриени се доволни количини и во рудниците за континуирано снабдување на термоелектраните. Согласно потребите на потрошувачи и на универзалниот снабдувач, АД ЕСМ изготви производствениот план кој и оваа грејна сезона треба да гарантира непрекинато снабдување со струја на граѓаните“, велат од ЕСМ.

Од министерството за економија пак додаваат дека доколку не се набавува и енергија од ТЕ ТО, капацитет кој работи на природен гас кој во случајов би се набавувал од Гаспром за кого Бугарија воведе санкција односно такса, тогаш ќе биде отстранета и уште една пречка или причина за зголемување на цената на струјата за крајните потрошувачи.

„Ако ние ги покриваме сите потреби на регулираниот пазар, преку РЕК Битола, Осломеј генерално преку ЕСМ и не купуваме од производители кои произведуваат електрична енергија од природен гас како што е случај со ТЕТО тогаш нема да има влијание од 20 отсто поради воведената такса од страна на Бугарија“, велат од министерството за економија.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека владата мора да ја прифати поддадената рака од опозицијата и заеднички да се реши овој нов проблем кој со сигурност ќе удри по џебот на граѓаните. Најавеното, евентуално зголемување на цената на струјата за 20 отсто може да направи големи турбуленции во македонската економија и врз стандардот на граѓаните, велат од опозициската партија.

„Во моментот сме во една тешка економска состојба која што влијае и во севкупните односи во општеството и ги разгледуваме состојбите во моментот очекуваме документи да видиме каков би бил ставот завземен од ВМРО-ДПМНЕ по денешните случувања но не може со сарказам и маалски муабети да се објаснат овие ситуации бидејќи станува збор за еден сериозен удар врз економијата стопанството врз она што ќе значи за Македонија во следниот период затоа што се очекува поскапување за 20 проценти каков што ќе биде ефектот што слушнавме од предвидувањата на економистите. Ова може да биде само една школа што може да се очекува од Софија по системот награда или казна во следниот период“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Несмасна или избрзана, сепак изјавата на премиерот дека цената на струјата може да се зголеми за 20 отсто предизвика жестоки реакции во јавноста особено кај граѓаните кои живеат со плати кои се под просекот во земјава. Евентуалното зголемување на цената на струјата ќе значи и пораст на огромен број на производи и услуги кои граѓаните редовно ги купуваат.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП