6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкапотијата нѐ врати 20 години во минатото – почнаа да се продаваат...

Скапотијата нѐ врати 20 години во минатото – почнаа да се продаваат цигари на парче

Во последно време се забележува нов тренд во продажбата на цигари во главниот град. Повеќе продавници низ градот, особено на периферијата, почнаа да продаваат цигари на парче, нешто што беше вообичаено пред повеќе од две децении.

Цената на една цигара сега изнесува 10 денари, што е значително повисока од цената на кутија.
Новинарската екипа на Денар направи мала обиколка и влезе во неколку локални продавници во населбите Волково, Даме Груев и Визбегово, па забележа дека на повеќе места се продаваат цигари на парче.

Во една од продавниците, ние разговаравме со вработена која нè информираше за овој феномен.

„Има многу луѓе кои веројатно немаат доволно пари за да купат цела кутија со цигари, па купуваат на парче по 5 или 6 цигари. Ние им ја нудиме оваа опција за да им излеземе во пресрет, а и ние имаме поголем ќар од продажбата на цигари на парче“, рече таа.

Еден од оние кои редовно купуваат цигари на парче е и Александар, студент на Факултетот за електротехника и информатички науки.

Тој ни кажа дека секој ден купува по 5 цигари од локалната продавница пред да се качи во автобус кон факултетот.

„Само 5 цигари ми се доволни во денот, додека купувањето цела кутија ми е скапо. А и немам каде да ја чувам поради тоа што не сакам моите родители да дознаат дека пушам цигари. Јас знам дека пушењето е штетно за здравјето, но не можам да престанам. Можеби ако беше поевтино, би купил цела кутија и би ги сменил своите навики”, ни изјави Александар.

Според Законот за тутун и тутунски производи, продажбата на цигари на парче е забранета и санкционирана со глоба.

Според Светската здравствена организација (СЗО), пушењето е водечки фактор за развој на рак на белите дробови, болести на срцето и други хронични оболенија.

СЗО препорачува да се забрани продажбата и рекламирањето на тутунските производи, како и да се поддржат програмите за одвикнување од пушењето.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП