Израелските воздушни напади погодија густо населен бегалски камп во Појасот Газа, при што загинаа најмалку 50 Палестинци и еден командант на Хамас, додека медицинските лица се мачеа да ги лекуваат жртвите во енклава каде што храната, горивото и основните резерви се оскудни, пренесува Ројтерс.
Израелската војска соопшти дека 11 војници исто така биле убиени во борбите во Газа во вторникот, што е најголемата загуба во еден ден за вооружените сили откако вооружени лица на Хамас го нападнаа јужен Израел на 7 октомври, при што загинаа околу 300 војници и 1.100 цивили.
Израелското воено радио јави дека повеќето од загинатите се пешадија чие возило било погодено со противоклопна ракета.
Израел ги испрати своите сили во Газа по неколкунеделни воздушни бомбардирања како одмазда за нападот на Хамас поддржан од Иран, а израелските одбранбени сили (IDF) објавија во соопштение дека во воздушните напади врз Џабалија, најголемиот бегалски камп во Газа, загинал Ибрахим Биари, командант за кој се вели дека бил „клучен“ во планирањето и извршувањето на нападот.
Десетици борци на Хамас беа во истиот комплекс на подземни тунели како Биари и исто така беа убиени кога се урна во нападот, рече портпаролот на IDF, потполковник Џонатан Конрикус.
-Разбирам дека тоа е и причината поради која има бројни извештаи за колатерална штета и жртви на неборци. И тоа го испитуваме – рече тој.
Портпаролот на Хамас Хазем Касем негираше дека некој висок командант бил во логорот и го нарече тврдењето израелски изговор за убивање цивили. Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 50 Палестинци загинале, а 150 се ранети.