3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈадеме скапи јаболка поради „грешка“ на Владата?

Јадеме скапи јаболка поради „грешка“ на Владата?

Ниската откупна цена и зголемениот увоз на јаболка годинава ги открија слабостите на целиот земјоделски сектор во Македонија.

Овоштарите од Ресенско предвидуваат дека за десетина години ќе останеме без домашни јаболка, бидејќи погрешната аграрна политика што ја води Владата во последните 30 години буквално ги катапултираше младите земјоделци надвор од државата.

Тие обвинуваат дека дека увозот од Србија и Албанија ја намалил цената на домашното јаболко, а граѓаните сега на пазарите купуваат скапи и неквалитетни јаболка.

Денар разговараше со производител на јаболка од Ресен, кој вели дека Владата има погрешна стратегија, а во неа земјоделците не ја играат главната улога.

„Земјоделците не се во фокусот, а лошата владина стратегија ги избрка младите надвор од земјава. Многу е намалено производството на јаболка во Македонија. Многу ниви со јаболка нема кој да ги одгледува и да ги бере. За жал, морам да предупредам дека за најмалку една деценија ќе снема јаболка во Македонија. Откупната цена не е толку ниска, ама проблем е увозот кој им ја спушта цената на домашните јаболка“, вели нашиот соговорник.

Тој посочува дека родот годинава е намален за 70 отсто за разлика од минатата година.

„Лошо беше времето, многу врнеше, а потоа се појавија болести. И покрај тоа што немаме многу јаболка, властите дозволија увоз од Србија и од Албанија. Тоа дополнително ни ја сруши цената на килограмот. Ем не сакаат или не можат да ни помогнат, ем ни одмагаат со тоа што дозволуваат увоз“, вели ресенчанецот.

Овоштарите бараат од Владата да ги заштити домашните производители и да го ограничи увозот на јаболка. Тие исто така бараат поддршка за модернизација на овоштарските ниви и воведување на стандарди за квалитет.

Според нив, тоа е единствениот начин да се спаси домашната производство на јаболка и да се задоволат потребите на потрошувачите.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во Македонија е дозволен увоз на јаболко од Србија, Албанија па дури и од Молдавија на штета на македонското квалитетно јаболко.

„Годинешната реколта е катастрофална каде што мал удел имаа временските услови во Македонија, а поголем дел од одговорноста припаѓа на Владата и МЗШВ заради погубните политики во земјоделството. Изминативе дваесетина дена во Македонија е дозволен увоз на јаболко од Србија, Албанија па дури и од Молдавија на штета на македонското квалитетно јаболко, а исто така во овој регион откупната цена е далеку под производната цена додека крајниот потрошувач на пазарите ширум Македонија купува скапо јаболко“, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП