2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПензионерите најдоа начин како да заработат – полнат цигари со пазарски тутун

Пензионерите најдоа начин како да заработат – полнат цигари со пазарски тутун

Последното зголемување на цената на цигарите за 5 денари за кутија практично ги инспирираше поснаодливите луѓе да пронајдат алтернативен начин за заработка, а нивните потенцијални купувачи да бидат токму – пушачите.

Имено, многу луѓе почнаа да се занимаваат со полнење цигари со тутун купен од пазар и да ги продаваат на парче или на кутија по многу пониска цена од официјалната.

Денар разговараше со пензионер од Скопје, кој, секако, инсистираше да остане анонимен, а кој ни раскажа дека неговата помлада сестра има тезга со зеленчук на Бит Пазар, па дека освен зеленчук во последно време продава и полнети цигари на парче.

Тој вели неговата задача е да ги полни цигарите, а задачата на сестра му е да ги продава.

Како што ни посочи, самиот ги полни цигарите во својот дом и секој ден ѝ носи на сестра си околу 200-300 цигари за продавање.

„Навечер ќе си седнам на маса, ќе си пуштам турски серии и ќе почнам да ги полнам цигарите со тутунот што го набавувам од пазар. Купувам тутун за 600 денари за килограм и со таа количина можам да наполнам околу 1200 цигари. Една полнета цигара ја продаваме за 4 денари, односно една кутија со 20 цигари чини 80 денари. Така можеме да заработиме околу 4000 денари од еден килограм тутун, што не е лошо за дополнителен приход”, признава нашиот соговорник.

Тој вели дека многу луѓе ги купуваат неговите цигари, а има и такви кои нарачуваат и по цела штека.

„Има разлика во вкусот и квалитетот помеѓу официјалните и полнетите цигари, но тоа не ги спречува луѓето да ги купуваат, бидејќи, за жал, преовладува сиромаштија, па многу пушачи не се во можност да бираат каков тутун да пушат. Сè додека цигарите се скапи, ќе има потреба за полнети цигари”, заклучува пензионерот.

Владата веќе ја зголеми акцизата која ќе важи од следната година, па цигарите и сите останати тутунски производи од 1 јануари ќе се зголемуваат од 2 до 5 денари, сè до 2030 година.
Тоа во превод значи дека секој 1 јануари во годината цената на цигарите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче, додека пурите ќе поскапат за 4 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП