Лансирањето на серијата „iPhone 15“ не помина толку глатко како што мислеше „Apple“, при што корисниците се соочија со мноштво проблеми кои се движат од проблеми со изгорување на екранот до прегревање на телефоните без причина (иако некои од нив веќе се поправени).
Сепак, покрај ова, многу корисници на „iPhone 15“ пишуваат на форумите дека и по ажурирањето на „iOS 17.1“, проблемите со „Wi-Fi“ мрежата опстојуваат.
Сè започна пред две недели, кога сè повеќе корисници на „iPhone 15“ почнаа да пријавуваат проблеми со „Wi-Fi“ конекцијата, како што е неможноста за вчитување содржина и бавниот пренос. Фрустрирани од проблемот, корисниците се обратија до заедницата на „Apple“ на платформи како „Reddit“ за да видат дали се планира поправка.
Еден корисник рече дека „многу е разочарувачки што овој проблем не е решен со iOS 17.1“.
„Го дадов мојот „iPhone 13 Pro“ на роднина, па не можам да го вратам. Ќе патувам во текот на зимата и ќе бидам на пат шест месеци, а многу сум загрижен дека нема да би можел да го користам мојот нов телефон додека сум на пат“, напиша тој, пренесува „Android Headlines“.
Фактот дека „iPhone 15“ не може да вчита содржина додека другите уреди на истата мрежа работат добро, и се чини дека не функционираат никакви решенија како што е префрлањето на опсегот 2.4G, ја прави ситуацијата уште полоша.
Компанијата „Apple“, за разлика од проблемот со прегревањето кој го „признаа“, не се ни огласи во овој проблем, па прашање е дали преземаат нешто за да го санираат.