Google продолжи да го подобрува најпопуларниот интернет прелистувач во светот. Оваа недела компанијата објави неколку нови опции за Google Chrome, кои иако не се револуционерни, секако ќе го подобрат и поедностават пребарувањето преку овој веб прелистувач. Новитетите се однесуваат на лентата за адреси во која се внесуваат барањата за пребарување и вклучуваат попаметни предлози за пребарување, автоматска корекција на типфелерите, пребарување во постоечките обележувачи во Chrome, предлози за популарни сајтови и подобрен изглед на интерфејсот.
Опцијата за паметни предлози за пребарување се базира на историјата на пребарување на некои страници. Додека порано, кога сакавме да одиме на страница, моравме да ги внесеме првите букви од таа страница во лентата за адреси, сега тоа веќе не е потребно бидејќи Chrome може да препознае која страница сакате да ја посетите врз основа на некои зборови и веднаш да ти даде предлог за таа страница. На нивниот блог, Google даде пример за пребарување на нивната страница за летови (google.com/travel/flights). Наместо корисниците прво да го пишуваат зборот Google, а потоа летови во лентата за адреси, сега Chrome, врз основа на вашата историја на сурфање, кога ќе почнете да го пишувате зборот „flights“, веднаш ќе ви ја предложи страницата за летови на Google.

