2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОнлајн-продажбата ги затвора дуќаните низ Скопје – нема кирија, нема даноци, нема...

Онлајн-продажбата ги затвора дуќаните низ Скопје – нема кирија, нема даноци, нема вработени

Пандемијата од коронавирусот и мерките за превенција, како и инфлацијата и скапотијата очигледно го промениле начинот на купување во Скопје.

Сѐ повеќе сопственици на продавници за облека, продавници за накит и за подароци решаваат да ги затворат продавниците и бизнисот да го водат исклучиво онлајн со достава на производите на домашна адреса.

Еден од нив е и Никола Карајанов, сопственик на продавница за детска облека во центарот на градот.

Тој вели дека одлучил да стави клуч на дуќанот и да продава облека преку интернет поради ниската посетеност и високите трошоци.

„Кога започна пандемијата со коронавирусот, продажбата ни падна за 80%. Луѓето не излегуваа од домовите и не купуваа облека за децата. Ние имавме големи трошоци за кирија, сметки за струја, данок, а моравме да мислиме и за платите на вработените. Затоа решив да се обидам со онлајн продажба. Веќе два месеца работиме така и можам да кажам дека профитот е ист, а трошоците се смалени”, вели Карајанов.

Тој додава дека има свој веб-сајт каде што ги изложува своите производи, а исто така користи и социјални мрежи како Фејсбук и Инстаграм за да ги промовира своите артикли.

Нарачките ги прима преку телефон или е-маил, а доставата ја врши со курирска служба или лично.

„Мислам дека ова е иднината на трговијата. Луѓето сакаат да купуваат од дома, без да губат време и пари за транспорт и за паркинг. Исто така, можат да споредуваат цени и квалитет помеѓу различни продавачи. Онлајн продажбата нуди повеќе избор и удобност за потрошувачите”, заклучува нашиот соговорник.

Слична ситуација е и со Јасмина Васовска, сопственичка на пет-шоп во Карпош.

Таа вели дека веќе една година работи само онлајн и дека супер ѝ оди бизнисот. Продава храна, опрема и играчки за домашни миленици преку својата веб-страница и преку социјалните мрежи.

„Одлучив да го затворам пет-шопот откако видов дека немам доволно купувачи. Затоа решив да ги пренесам сите мои производи на интернет. Сега работам од дома, немам никакви трошоци за кирија, сметки, даноци, а и постојано сум со децата. Нарачките ги примам преку веб-сајтот или на вибер, а доставата ја правам со мојот автомобил, а често користам и карго-служба за градовите низ Македонија”, вели Јасмина.

Таа вели дека луѓето сакаат да купуваат онлајн бидејќи е побрзо, полесно и поповолно.

„Јас им нудам бесплатна достава за нарачки над 1000 денари, а исто така им давам и попуст на редовните купувачи. Моите цени се конкурентни и моите производи се квалитетни. Луѓето ме препорачуваат на своите пријатели и роднини, а јас секогаш им заблагодарувам со мали подароци за нивните миленици”, рече Јасмина.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП