6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАФункционерите веќе шест месеци земаат 78 отсто повисоки плати

Функционерите веќе шест месеци земаат 78 отсто повисоки плати

Место во април, веднаш откога Уставниот суд ја донесе одлуката платите на функционерите да се зголемат 78 %, премиерот Димитар Ковачевски вели дека вчера била отворена дискусија како би требало да изгледа новиот модел за пресметка на плати со кој тие ќе се намалат оти не сакаат да избрзаат со решението, па и тоа да падне на Уставен суд. Премиерот Ковачевски објаснува дека новото решение треба да се усогласи со многу страни оти не се носи одлука само за платите на министрите, туку и за градоначалниците, судиите, обвинителите, пратениците…

„Мора да биде прифатливо, прво, од правен аспект затоа што двапати е носено решение, кое паѓа на Уставен суд. Не еднаш, туку двапати. Второ, уште пред да се донесе одлуката на Уставниот суд, јас реков дека се работи на закон за плати со кој треба да се стави ред во платите во јавниот сектор. Да се знае која е највисока плата и потоа како одат нивоата на платите во согласност со одредени критериуми. Во Министерството за администрација и информатичко општество исто така во изминатиот период работеа на тоа решение. Тоа мора да биде усогласено со повеќе страни бидејќи зборуваме за плати што се однесуваат не само на 21 член на Владата, туку се однесуваат на 120 пратеници, на 80 градоначалници, на речиси 600 судии, 300 обвинители и така натаму. Не дефинираат плата само на 20 министри, кои ќе донесат одлука и потоа ќе отиде решението, кое не е усогласено со никого, ќе влезе во собраниска процедура. Дури и да се донесе некое решение, кое не е издржано, тоа повторно ќе заврши на Уставен суд, како што, повторувам, двапати имаше такви решенија“, рече премиерот Ковачевски.

Министри од областа на трудот и социјалата и од економските ресори работат на новото решение за чија изработка премиерот Ковачевски им дал рок од две недели во кои треба да изготват работна верзија. Тој денес, по посетата на компанијата „Вивакс“, одговарајќи на новинарско прашање за намалување на платите на функционерите, уште еднаш повтори дека одлуката што ги зголеми платите е всушност на Уставниот суд, кој го одмрзна 12-годишното замрзнување на платите, кои требало да се покачуваат по 6,5 % годишно. Потсети дека на Уставен суд падна и обидот во корона-кризата функционерите да се стават на минимални плати.

„Затоа во рамките на Владата беше формирана работна група која е составена од министри, од областа на трудот и социјалата, од економските ресори, кои ќе треба да изработат решение што ќе биде одржливо и нема пак да биде предмет на поништување од Уставниот суд. Носење решенија што го дерогираат системот на плати, каде што за некои вработени важи еден систем на пресметување плата, а за други друг систем за пресметување на плата, зборувам за јавниот сектор, ќе значи веднаш реакција, како во два случаја досега, и третпат од страна на највисоката судска инстанција“, рече премиерот Ковачевски.

По кој нов коефициент ќе се пресметуваат платите премиерот Ковачевски не можеше да каже оти за разни функции имаат разни коефициенти оти се во разни области.

Уставниот суд во март годинава ја донесе одлуката со која 78 % се зголемија платите на 1.050 избрани и именувани лица. Во меѓувреме, на протести за поголеми плати излегоа и сè уште излегуваат здравствените работници, судските работници, пензионерите, а студентите се пожалија дека гладуваат додека функционерите се луксузираат со зголемување на и онака високите плати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП