3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПоминаа 16 години од смртта на Тоше Проески, болката не поминува!

Поминаа 16 години од смртта на Тоше Проески, болката не поминува!

На денешен ден пред 16 години, во раните утрински часови, загина нашиот пејач и регионална ѕвезда, Тоше Проески.

Неговото заминување речиси сите го прифатија тешко, почнувајќи од неговото семејство, до пријателите, колегите, но и обожавателите кои се уште ги чуваат неговите песни да не бидат заборавени.

Бројни пејачи кои го познаваа, како и најблиските кои не се помируваат дека тој не е повеќе, засекогаш ќе зборуваат за неговиот беспрекорен талент, незаборавниот и незаменлив глас, а пред се добрината на овој уметник. За семејството на легендарниот пејач кој замина прерано, денес е најтешкиот ден во годината.

Да потсетиме, на автопатот кај Нова Градишка, Тоше загина во сообраќајна несреќа на 26 -годишна возраст. Покрај него, во автомобилот беа возачот и пријателот на пејачот Ѓорги Георгиевски и менаџерката Љиљана Петровиќ. Се претпоставува дека, поради големата брзина, удриле во камионот. Тоше, кој седеше на совозачкото седиште, почина, додека возачот се здоби со тешки телесни повреди, а менаџерката се здоби со полесни повреди.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП