4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЛетните одмори завршија, ама пристигнаа есенските – еве каде најчесто патуваат Македонците...

Летните одмори завршија, ама пристигнаа есенските – еве каде најчесто патуваат Македонците во овој период

Иако летото календарски веќе одамна заврши, сепак сончевото и топло време ги наведе луѓето да размислуваат на тоа каде да патуваат оваа есен. Денар направи мало истражување за најпопуларните дестинации што најчесто ги посетуваат луѓето наесен.

Со оглед на тоа што годишните одмори се завршени, многу луѓе веќе им се вратија на своите вообичаени рутини, а туристичките агенции и понатаму работат под полна пареа.

Најавите на метеоролозите дека пред нас е натпросечно топла есен ги инспирираше многумина наши сограѓани да уплатат патување.

Како и минатата година, туристите од Македонија во текот на есента најчесто одлучуваат да посетат бројни европски градови како Будимпешта, Виена, Прага и Амстердам, но и топлите дестинации како што се Египет и Тунис.

Од туристичките агенции велат дека оваа година најпопуларни се топлите краеви на Европа, особено Португалија и Шпанија.

„Во моментов најпопуларна дестинација е Лисабон и овој прекрасен град го имаме во два термина – новогодишен термин и ноемвриски термин. Покрај Лисабон, ја издвојуваме Андалузија, сицилијанската тура која опфаќа голем дел на Сицилија, но и посетата на стандардните дестинации како Амстердам и Истанбул“, вели вработен во една скопска туристичка агенција.

Што се однесува на цените на аранжманите, тие секако се поскапи во однос на минатата година.
Како што истраживме, патувањата кои вклучуваат автобуски превоз се поскапи за 10 до 15 отсто, додека патувањата во кои е вклучен авионски превоз се поскапи за 20 отсто во однос на лани.

Денар разговараше со скопјанка која на крајот на септември беше на есенско патување низ Јужна Италија заедно со својот сопруг.

„Уште сум многу возбудена од патувањето. Бевме со мојот сопруг и со две мои пријателки. Најдовме супер понуда – само 300 евра по лице. Посетивме некои од најубавите градови и острови во Италија. Прво го посетивме Бари, каде што останавме две ноќи. Тоа е прекрасен град со богата историја и култура. Го посетивме и стариот град, каде што се наоѓа базиликата на Свети Никола, кој е заштитник на градот. Потоа го посетивме Неапол каде што исто така останавме две ноќи. Градот е најголем во Јужна Италија и е познат по својата неаполитанска пица. Го посетивме и Соренто, Помпеа како и островот Капри. Тоа беше едно многу убаво патување кое може да се доживее само наесен кога не е премногу топло, а и кога цените се преполовени“, вели 48-годишната Дејана Јордановска од Скопје.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП